Врховниот суд на САД пресуди против царините што Доналд Трамп ги воведе врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (ИЕЕПА) од 1977 година, оценувајќи дека ги надминал своите овластувања.
Со одлуката, судиите заклучија дека ИЕЕПА не му дава право на претседателот да воведува царини. „Нашата задача беше да утврдиме дали овластувањето за регулирање на увозот опфаќа и наметнување царини. Не опфаќа“, напиша претседателот на судот Џон Робертс.
Пресудата предизвика реакции во политичкиот и бизнис секторот и влијаеше врз пазарите – берзанските индекси пораснаа, доларот ослабе, а приносите на државните обврзници се зголемија.
Одлуката се однесува само на царините воведени според ИЕЕПА, но не и на мерките за челик, алуминиум и автомобили донесени според Законот за проширување на трговијата од 1962 година. Според Уставот на САД, овластувањето за воведување даноци и царини му припаѓа на Конгресот.