Целата приказна тргна во 1989 година, кога е усвоен правилникот за изработка на world wide web. Но, како официјален почеток, на мрежното поврзување кое апсолутно го смени светот каков што дотогаш го имавме, се смета 20 декември 1990 година. Токму тогаш Tim Berners-Lee, британски научник кој работел на CERN, на својот компјутер ја лансирал првата интернет страница. Сè потоа е историја бидејќи по експанзијата во деведесетите, денес, без претерување, е невозможно да се замисли било кој сегмент од животот без силната технологија која се крие зад кратенката “www”.
Секако дека не може да се каже дека без интернет светот би застанал, иако е непобитен факт дека она што тргнало пред 25 години е до толку вметнато во сите пори на планетата што би настанал вистински хаос ако некој го згасне “web”.
По повод 25 роденден на web поставена е реплика на оригиналната страница од 1990 година на адресата info.cern.ch. Имено, CERN оваа страница ја реактивирал во 2013 година, а за оние кои не знаат како изгледал интернетот во своите зачетоци ова веројатно ќе биде поприлично разочарување бидејќи денес, кога “www” се интерактивни, преполни со мултимедија и од ден на ден поинтересни, тешко е да се разбере како започнало. Но, без “web” кој го осмислил Tim Berners-Lee не би го имале она што го имаме денес.