Екстремните горештини што ја погодуваат Европа и Централна Азија не се само климатска закана, туку сериозна здравствена криза, предупредува Паневропската комисија за клима и здравје, во отворено писмо до владите и здравствените власти на 53-те земји членки на европскиот регион на Светската здравствена организација.
Комисијата предупредува дека топлотните бранови стануваат сè почести, поинтензивни и посмртоносни, оставајќи трага во статистиките за смртност која често се прикрива под други причини – како срцеви и мозочни удари или респираторни проблеми Според податоците, смртноста поврзана со топлина во последните две децении пораснала за 30%. Само во 2022 и 2023 година, во 35 европски држави биле регистрирани над 100.000 смртни случаи поврзани со екстремни горештини. Климатските промени, дополнително, придонесуваат за ширење на болести што некогаш беа реткост во Европа како што се случаите на локално пренесен денга вирус во земјите на ЕУ. Горештините предизвикуваат нагол пораст на приеми во болниците, особено кај пациенти со кардиоваскуларни, респираторни и бубрежни проблеми. Психичкото здравје исто така е погодено – нарушен сон, зголемена анксиозност и намалена когнитивна функција се чести последици. Комисијата потенцира дека плановите за делување при екстремни горештини се клучни и можат да спасат илјадници животи – но тие мора да се воведат веднаш, а не во некоја далечна иднина.
Комисијата апелира на итни мерки за почист воздух со намалување на емисиите од согорување фосилни горива и зголемувањето на зелените површини во урбаните средини. Проценките покажуваат дека зголемување на урбаното зеленило за 30% би можело да ја намали смртноста од горештини и до 40%.