Она што го знаеме е дека сите месеци, освен февруари, имаат по 30 или 31 ден. Зошто е тоа така?
Виновни за ова се старите Римјани, иако записите за римскиот календар се ретки и недоречени. Легендата вели дека првиот римски крал Ромул осмислил 10-месечен лунарен календар кој почнувал за време на пролетната рамнодневница во март, а завршувал во декември. Не е потполно јасно дали постојат месеци помеѓу декември и март, но веројатноста е дека не постојат бидејќи зимското време не било важно за жетвата.
Друг римски крал, Нума Помпилиј, одлучил да направи поточен календар и да го синхронизира со реалната лунарна година, која е долга 354 дена. Додал два месеци, јануари и февруари, и додавал денови. Новите месеци имале по 28 дена, но тоа на кралот не му одговарало бидејќи се верувало дека парните броеви носат несреќа. Поради тоа на јануари му додал еден ден и така годината траела 355 дена. Никој не знае зошто февруари останал на бројката 28 односно парен број кој носел несреќа. Тоа се чини е поврзано со фактот дека Римјаните ја почитувале смртта и во февруари ги изведувале ритуалите на прочистување.
Календарот од 355 дена не можел да остане синхронизиран со годишните времиња бидејќи не бил во склад со времето кое на Земјата и е потрбно да го обиколи сонцето. Затоа на секои пар години по 23 февруари е вметнуван додатен месец.
Околу 45 година пред Христос, Гај Јулие Цезар одлучил да го реши проблемот и ги задолжил своите експерти да го тргнат настрана лунарното потекло на римскиот календар и да направат нов по урнек на египетскиот.
Цезар додал 10 дена на календарот и додатен ден во февруари на секоја четврта година. По оваа интервенција годината во просек траела 365,25 дена што е многу блиску до реалната просечна должина од 365,2425 дена.
{loadposition content9}