Десет лица загинаа, а 23 се повредени, меѓу кои две деца во снежните бури во Украина, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Игор Клименко.
Ветрови и бури ја зафатија Украина од неделата, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија и блокирајќи ги патиштата, особено во јужниот дел на земјата, пренесува Ројтерс.
„Поради влошување на временските услови, 10 лица загинаа во регионите Одеса, Харков, Миколаев и Киев“, напиша Клименко на Телеграм.
Тој изјави дека без струја се 411 населени места во 11 области, а од снежните наноси треба да се извлечат над 1.500 возила.
Во регионот Одеса речиси 2.500 луѓе се спасени по снежното невреме, објави гувернерот Олех Кипер, додавајќи дека 313 населени места во регионот во моментов се без електрична енергија.
Тој наведе дека од снегот се извлечени 849 возила, од кои 24 автобуси и 17 амбулантни возила.