Георги Ставрески – Мора сите како општество да ги мотивираме младите поактивно да се вклучат во креирање на политиките на градот
Георги Ставрески е дипломиран доктор по општа медицина, член на Универзитетскиот Совет и Сенат при УКИМ, координатор и демонстратор по Прва помош при Црвен крст Охрид.
„Сите млади во Охрид го сакаме градот бидејќи тука сме пораснале и понатака после студирањето сите сакаме да се вратиме тука, но потоа сѐ се сведува на можностите кои Охрид ни ги нуди нас кои како готов кадар ќе се вратиме повторно назад.“ – вели Георги.
Георги планира да специјализира во област од интернистичките гранки, но прво мора да биде вработен како општ доктор, а после неколку месеци треба да биде испратен на специјализација според потребите на ординацијата или болницата каде би бил вработен, но за Заедницата Има Многу Лица вели дека тој процес е премногу долг и дека сеуште има доктори кои се невработени или волонтираат во моментот.
Апелира граѓаните да се навикнат превентивно да одат на доктор со оглед на бурното и турбулентно време во кое живееме, за да ги одбегнеме проблемите кои овој начин на живот ги носи сам по себе.
„Волонтирањето е да дадеш нешто а да не очекуваш ништо за возрат, меѓутоа не мора секогаш да е нешто материјално, секогаш нешто добиваме. Пораката до младите е секој да волонтира онолку колку што може , всушност волонтирањето тоа и значи, во слободно време да направиме нешто добро, корисно. Да го исполниме нашето време, да си понудиме една алтернатива за себе, а од друга страна да направиме нешто добро што на некому ќе му биде многу од полза.“ За Заедницата Има Многу Лица ја сподели и неговата приказна кога работел како десеминатор на една програма Промоција на хумани вредности Црвен Крст во акција, кадешто помагале на неколку семејства за различни потреби: „После неколку месеци случајно се сретнавме на Стража со едно дете. Тоа ја префрли улицата да ме гушне бидејќи сум му оставил убав впечаток и е задоволен од предходно што сме му помогнале. За мене тоа беше многу повредно отколку материјални придобивки, односно нешто што би добиле отколку среќата и благодарноста од оние на кои сме им помогнале“.
Георги вели дека треба многу да се работи, во многу сфери, за да се задржат младите дома.
„Сметам дека образованието и здравството како едни најважни гранки нас ни се ранети и ни треба премногу работа во тие области за да градиме посигурни генерации кои ќе бидат и стручни и квалитетни и на тој начин со широките познавања ќе си го сакаат и Охрид и Македонија.“
Погледнете ја целата видео сторија Заедницата има многу лица со Георги Ставрески.