Пеколен почеток на летото
Четири региони во државата денес ќе бидат во портокалова фаза, а поради високите температури се препорачува бремените жени и хронично болните лица над 60 години да се ослободат од работни обврски.
Четири региони во државата денес ќе бидат во портокалова фаза, а поради високите температури се препорачува бремените жени и хронично болните лица над 60 години да се ослободат од работни обврски.
Со тропски температури ќе бидат зафатени: Скопскиот, Осоговско-малешевскиот, Јужновардарскиот и Пелагонискиот регион, додека преостанатите два, Полошкиот и Охридско-преспанскиот регион, ќе бидат зафатени со температури од жолта фаза.
Од Министерството за здравство препорачуваат работодавците да го реорганизираат работното време и да се избегнуваат активности од 11 до 17 часот. Ова особено важи за оние што се изложени на работа на отворени простори, како на пример, градежните работници.
Има препорака во деловите кои се во портокалова фаза да не се одржуваат спортски активности на отворено во овој период, а на вработените во предучилишните установи им се препорачува да не ги изнесуваат децата на отворено.
Здравствените работници на сите граѓани им порачуваат да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури. Секако, најважно е да се заштитат од директното изложување на сончевите зраци, а престојот на отворено колку што можат да го избегнуваат особено во критичниот период од денот кога сонцето е најсилно. Задолжително е и носењето светла и лесна облека и најважно е да се пијат што повеќе течности и да се консумира лесна храна. За хронично болните и натаму е најважно да ја земаат редовно терапијата препишана од лекар.
Од Министерството за здравство им советуваат на граѓаните да обрнат поголемо внимание кога подготвуваат храна и колку време по подготовката ја консумираат, бидејќи оставена на високите температури таа може лесно да предизвика труење. Токму затоа е многу важно и како се чува подготвената храна, бидејќи поради високите температури кои се најавуваат за следните денови храната лесно може да стане и отров.