Вистински празник за љубителите на мечувањето
Деновиве во Охрид се одржува седмиот по ред меѓународен турнир, Охрид Лејк Куп, на кој мечувалци од голем број европски земји и САД се натпереваруваат во овој аристократски спорт.
Седмото издание на меѓународниот турнир во мечување Охрид Лејк Куп, деновиве во Охрид ги донесе некои од најдобрите мечувалци од десетина земји од светот. Координација, брзина, рефлекс, самодоверба и висока интелигенција се некои од карактеристиките кои се потребни во мечувањето. Љубителите на овој спорт велат дека мечувањето е втор мисловен спорт, веднаш по шахот. Последниве години во Македонија интересот за овој спорт се намалува. Потребен е повисок стандард за занимавање со овој спорт, а речиси сите мечувалски клубови се во Скопје.
„Ние практично се имаме организирано има 6 клубови во Скопје, мене ми е желба да направиме неколку клубови во Битола, Охрид, Тетово, Куманово и веќе сме на пат во Битола веќе формално документациски е спремен клубот, но јас би сакал овој турнир овде да потегне иницијатива во Охрид да се формира еден турнир, покрај Скопје Охрид за мене е едно од водечките места што привлекуваат странци“ вели Aлаександар Анастасов – повеќекратен шампион во мечување, од МК „Вардар“.
Денеска во хотелот Метропол на програмата е ветеранскиот турнир во рамки на купот, за возраст од 50-80 години, потоа следува тримеч помеѓу Македонија Финска и една интернационална екипа составена од еден американец, холанѓанец и французин. Утре пак на порграмата од купот следува сениорскиот турнир, во меч и еден ветерански во сабја.
„Сениорскиот турнир во меч е еден од најважните турнири во Македонија бидејќи се смета за ранг листа на Мечувалечката федерација на Македонија, така да треба да учествуваат најдобрите македонски мечувалци“ објаснува Анастасов.
Најпопуларен стил во мечувањето е мечот, а поенот во оваа дисциплина можеш да го дадеш на целата површина на телото односно каде и да те погоди – поенот важи. Втората дисциплина, односно оружје, е флоретот, а поенот можеш да го дадеш само го горниот дел од трупот, од половината па нагоре, не во главата, рацете и нозете. Последното оружје и најмалку застапено е сабјата и со ова оружје не треба да го боцнеш противникот, туку дозволено е да се удри од половината нагоре. Питер Калдерон кој доаѓа од САД е светски шампион во ветерани и втора година по ред е учесник на овој турнир Калдерон со мечување се занимава од својата својата 17-та.
„Во право се кога ќе речат дека ова е еден од спортовите со кој може човек да се занимава и кога ќе остари, јас сум на возраст од 70 години, што значи во право биле. А има и други мечувалци како мене“, потенцира Калдерон.
На натпреварот земји учеснички беа: Македонија, САД, Финска, Романија, Германија, Франција, Словенија, Србија, Грција, Бугарија и Полска. Во Овие неколку денови на програмата се натпревари во неколку дисциплини и тоа: Меч за жени и мажи во сениорска конкуренција, сабја мажи за сениори, меч мажи ветерани и сабја мажи ветерани, и во екипна конкуренција меж сениори. Ова е турнир кој од година во година прераснува во се поголемо натпреварување кое го препознаваат и странските екипи како респектабилен турнир.