Гласот на Јунан во Охрид
На Охридско Лето годинава за прв пат гостуваат „Гласот на Јунан“ – светската атракција од Кина која го прикажува диверзитетот и восхитувачката уметност на етнички најбогатата кинеска провинција.
На Охридско Лето годинава за прв пат гостуваат „Гласот на Јунан“ – светската атракција од Кина која го прикажува диверзитетот и восхитувачката уметност на етнички најбогатата кинеска провинција.
Овој музички ансамбл од Пекиншката академија на традиционалната музика гостува во Македонија и тоа со два концерти кои ќе се одржат во Скопје, во Македонска Опера и Балет на 26-ти јануари и во Охрид, во Домот на културата „Григор Прличев“ на 28-ми јануари.
Кинеската музика може да се пофали со историја која се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број на етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56-те официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан.
Ансамблот „Гласот на Јунан“ е основан од страна на славниот кинески сопран Џин Жаофенг, а како музички директор се потпишува познатиот кинески композитор Зу Ханг. Перформансот на овој ансамбл претставува своевидна музичка галаксија сочинета од изворните звуци и музиката на етничките малцинства во Јунан.
Класичната кинеска музика пренесувана од генерации на генерации е дел од овој перформанс, исто како што е и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина. Последните археолошки истражувања ја сместуваат оваа музичка традиција со векови пред самото појавување на европската цивилизација, со што таа е веројатно едно од најдревните пројавувања на човековата културна историја.
Концертите на ансамблот „Гласот на Јунан“ во Скопје и во Охрид се во организација на Охридско Лето и презентираат ретко концертно доживување кај нас во автентичниот перформанс изведен од страна на најдобрите фолклорни музичари на Кина.
Билетите за двата концерти се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на МКтикетс со цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.