Денеска промоција на романот „Повторно роден“ од Марина Шикова Димовска
Вечерва од 19:00 часот, во lounge барот „Долна порта“ во центарот на Охрид, ќе биде промовирано новото книжевно остварување на Марина Шикова Димовска, романот „Повторно роден“, во издание на ПНВ Публикации од Скопје.
Книгата е создадена според вистинска животна приказна, која во себе носи многу искушенија, многу душевни превривања, пороци, покајание, сиви и тмурни денови на далечниот југ, но и блесоци што воздигнуваат и поттикнуваат да се живее.
Марина Шикова Димовска од Охрид дипломирала на Катедрата по Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзини раскази се објавувани во неколку книжевни списанија, а со куси раскази е застапена и во „Интимно со пандемијата“, збирка раскази од 17 автори (Креативна верига, 2021). Во 2022 година ја објавува својата прва книга, збирката раскази „Приказни од кујната“, по која следува збирката раскази за деца „Езерото ми раскажува“ и поетската збирка „Мое место“.
