Денес ќе се одржи 4. издание на „Вкуси го Охрид локално“
Вечерва со почеток од 19:00 часот на плоштадот Долна Порта, ќе се одржи 4. издание на манифестацијата „Вкуси го Охрид локално“.
Организаторите информираат дека настанот, кој прерасна во препознатлива платформа за афирмација на локалните производи и традиционалната гастрономија, ќе понуди автентично искуство за сите сетила: од дегустација на домашни специјалитети, изложба на занаетчиски производи, до настапи на културно-уметнички друштва.
Во нивното соопштение додаваат дека граѓаните и туристите ќе имаат можност да запознаат производители од цела Македонија и лично да се запознаат со нивните приказни и производи. Посебен акцент ќе биде ставен на традиционалните вредности и културното наследство, со демонстрации и активности кои го слават автентичното.
Манифестацијата се реализира со поддршка од Општина Охрид и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а организатор е Слоу Фуд „Лихнидос“ – Охрид.
-Охрид ве повикува – дојдете, вкусете и поддржете го локалното!, порачуваат организаторите.