Skip to main content

За нова влада ќе почекаме, ДПМНЕ посакува нови избори

ВМРО ДПМНЕ и ДУИ не успеаја да формираат влада во дадениот рок, откако партијата од албанскиот блок соопшти дека и е потребно дополнитело време за консултации по ова прашање.

 |   | 

ВМРО ДПМНЕ и ДУИ не успеаја да формираат влада во дадениот рок, откако партијата од албанскиот блок соопшти дека и е потребно дополнитело време за консултации по ова прашање.

ЗА ДУИ сите опции остануваат отворени, а од ВМРО-ДПМНЕ бараат нови избори откако двете партии не успеаја да формираат влада во дадениот рок. Претседателот Ѓорге Иванов му го даде мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за формирање на нова влада откако партија освои најмногу пратеници на изборите. Груевски имаше рок до 29 јануари на полноќ да обезбеди мнозинство од 61 пратеник.

Но, нивниот досегашен партнер во владата, ДУИ по долги консултации не успеа да постигне договор по прашањето. Портпаролот на партијата, Бујар Османи пред седиштето на ДУИ во Мала Речица изјави дека продолжуваат со дебатата и дека за нив се уште се отворени сите опции, односно коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ или широка коалиција, да одат во опозиција или на нови избори.

„Дебатата беше, конструктивна и добронамерна со цел да се донесе најдобрата и најздравата одлука за сите граѓани на Република Македонија. Едногласно заклучивме дека таа дебата не може денеска да биде испрпена и дека немаме доволно аргументи да се определиме за една од петте опции кои беа ставени како предмет на дебата“, посочи Османи.

Тој порача дека во наредните денови продолжуваат консултациите, бидејќи не е исцрпена дебатата и дека сите опции се отворени. Според него, на ДУИ пред се и е важен договорот со Албанците потпишан на 11 декември.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека потребно е спроведување на нови избори со цел излез од политичката криза.

„ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата За подобра Македонија, како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план“, соопштија од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака, според нив, поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека остануват на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17 декември 2016-та година.