„Охридско лето“ со новогодишен концерт како подарок за публиката
Виртуозниот пијанист Франческо Барбаџелата од Италија и моќниот шпански тенор со импресивна вокална моќ, Рамирез Дроз Реиналдо Елаис на 20. декември ќе одржат свечен новогодишен концерт што го организира НУ „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 20 часот.
Пијанистот Франческо Барбаџелета е истакнат уметник познат по својата беспрекорна техника, префинета музичка чувствителност и умешност да создаде вистинска магија преку клавијатурата. Неговата изведба е комбинација од емоционална длабочина, елегантна артикулација и исклучително уметничко присуство, што го прави омилен на концертните сцени ширум светот.
Тенорот Рамирез Дроз Реиналдо Елаис, пак, плени со својата топла, моќна и богата вокална боја, како и со исклучителниот драматичен израз што го внесува во секоја изведба. Неговата интерпретативна зрелост, прецизноста и впечатливата сценска харизма го вбројуваат меѓу оние уметници чии настапи се доживуваат со восхит и длабока емоција.
Вечерта ќе биде исполнета со дела кои ќе ја истакнат нивната музичка уникатност и заемна уметничка енергија, создавајќи атмосфера на возвишеност и истенчена естетска убавина преку пијано изведбата на интермецата на Manon Lescaut и Madama Butterfly, ариите La donna è mobile, Pourquoi me rеveiller, Nessun dorma и многу други.Исто така, на репертоарот ќе бидат и вечните канцони Mattinata, Torna a Surriento, Non ti scordar di me, Mamma и незаменливата O sole mio.
Влезот за концертот ќе биде бесплатен, како како подарок за верната публика на „Охридско лето“. „Ова е нашиот начин да изразиме благодарност за довербата, поддршката и љубовта што ни ја даваат љубителите на врвната уметност“, велат од оваа Национална установа.