Празник за астрономите
Експертите предвидуваат дека оваа година метеорскиот дожд Персеиди кој својот врв ќе го достигне помеѓу 11 и 12 август, ќе биде два пати поголем од вообичаено.
Експертите предвидуваат дека оваа година метеорскиот дожд Персеиди кој својот врв ќе го достигне помеѓу 11 и 12 август, ќе биде два пати поголем од вообичаено.
„Во идеални околности би можело да се видат и до 200 метеори на час“ – вели Бил Кук, метеоролог во одделот за животна средина на НАСА.
За споредба, обично за време на Персеиди се гледаат до 80 метеори на час.
Метеорскиот дожд Персеиди се случува кога Земјата поминува низ облаци од честички прашина оставени од кометата Свифт-Татл. Обично Земјата поминува на самиот раб од опашката додека кометата поминува низ вселената.
Но, како што објаснува „Cnet“, „ова може да биде една од ретките години кога гравитацијата на Јупитер ќе ја привлече опашката поблиску, што ќе и овозможи на Земјата да помине низ нејзината средина, каде има повеќе остатоци, а како резултат на тоа ќе видиме многу повеќе метеори“.
Земјата веќе поминува низ опашката на кометата Свифт-Татл и се очекува метеорскиот дожд да трае до 24 август.
Иако максимумот ќе го достигне помеѓу 11 и 12 август, тоа само значи дека тогаш ќе можат да се видат најмногу метеори во најкраток временски период. Ако сте заинтересирани, може и сега да се обидете да ги забележите. Тие патуваат со брзина од 60 км во секунда.
„Тие можат да се појават на целото небо, но секогаш изгледаат како да се „исфрлаат“ од соѕвездието Персеј“ – вели Сара Левин за „Space.com“.
На јужната хемисфера максимумот на метеорскиот дожд ќе биде помеѓу 12 и 13 август.
НАСА ќе го емитува целиот настан во живо преку „Ustream“ (подолу), ноќта помеѓу 11 и 12 август и 12 и 13 август.