Skip to main content

Првичните резултати на ДИК велат, победник на изборите е ВМРО-ДПМНЕ

ДИК ги соопшти првичните резултати од предвремените парламентарни избори, според кои победник е владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која освои 51 мандати, два повеќе од опозицискиот СДСМ. Кај албанските партии победник е ДУИ со 10 пратенички места, пренесува „РС Еверопа“.

 |   | 

ДИК ги соопшти првичните резултати од предвремените парламентарни избори, според кои победник е владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која освои 51 мандати, два повеќе од опозицискиот СДСМ. Кај албанските партии победник е ДУИ со 10 пратенички места, пренесува „РС Еверопа“.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со освоен 51 пратенички мандат е победник на вчерашните предвремени парламентарни избори, а опозицискиот СДСМ освои 2 помалку, односно 49 пратенички места, според првичните резултати на ДИК. На изборите имало излезност од 66,82 проценти. ВМРО-ДПМНЕ освои 453.490 гласови, додека СДСМ освои 436.604.

Останатите мандати отидоа во рацете на албанските партии. Победник е ДУИ, која е дел од владејачката коалиција со 10 пратенички мандати. По неа следи БЕСА со 5, Алијансата за Албанците освои 3, а ДПА – 2 пратенички места. Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски рече дека се работи за првични резултати обработени врз основа на оригинални записници од општинските изборни комисии.

„Од тие причини и на ДИК и беа потребни неколку часа за да може да ги одработи сите оригинални записници од општинските изборни комисии кои ги примавме почнувајќи од доцна синоќа па во текот на целиот денешен ден“, рече Чичаковски.

ВМРО-ДПМНЕ освои 8 пратеници во првата изборна единица, 9 во двојката, 11 во тројката, 10 во четвртата изборна единица, 9 во петката и четворица во шестата изборна единица. СДСМ, пак, освои 10 пратеници во првата изборна единица, 8 во втората, 9 во тројката, 10 во четворката, 9 во петката и три пратеници во шестата изборна единица.

ДУИ освои по еден пратеник во првата и во петтата изборна единица, двајца во втората и шестмина во шестата изборна единица. Беса освои по еден пратеник во првата и во втората изборна единица и тројца во шестката.

Од ВМРО ДПМНЕ по објавата на резултатите соопштија дека ДИК и Чичаковски ја потврдиле победата на партијата.

„Победи демократијата, победија граѓаните на Република Македонија, а мандатарот е Никола Груевски. ВМРО ДПМНЕ е партијата со најголем број на мандати. ВМРО ДПМНЕ го има мандаторот и покажа на граѓаните дека оваа држава самостојно одлучува, дека граѓаните се врховен арбитар и дека тие одлучија на кој ќе ја дадат довербата, а на кој нема“, изјави Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ.

Тој го повика и лидерот на СДСМ, Зоран Заев ако имал минимум доблест да им ја честита победата и посочи дека разликата од 20 илјади гласови е значителна разлика. Ѓорчев порача и дека не очекува Заев да поднесе оставка, иако најавил дека ако освои еден глас помалку од ВМРО ДПМНЕ ќе го направи тоа.

Додека траеше прес-конференцијата, пред седиштето на ДИК беа собрани неколку десетици поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ со цел, како што рекоа, да изразат незадоволство до доцнењето на соопштувањето на резултатите од изборите. По објавувањето на резултатите тие веднаш си заминаа.

Од дијаспората нема да има претставник во Парламентот и од ДИК истакнаа дека се уште не се одработени сите податоци, бидејќи не ги добиле гласовите од 6 дипломатски конзуларни претставништва. Рокот за жалба за политичките партии е 48 часа, а како што посочи Чичаковски досега имале неколку приговори од подносителите на кандидатските листи.