Претставата „Комедија на грешки“, го означува стартот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“
Мотото на годинешното издание на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ е „Славејќи го Шекспир, ја славиме слободата“. Претставата „Комедија на грешки“ на големиот бард во изведба на актерите на Турскиот театар од Македонија, а во режија на Коле Ангелоски, е првата од трите претстави работени по дела на Шекспир кои фестивалската публика ќе има можност да ги види во рамките на фестивалот.
Претставата „Комедија на грешки“ e една од првите комедии што ги напишал Вилијам Шекспир, и првата од трите претстави работени по дела на Шекспир кои фестивалската публика ќе има можност да ги види во рамките на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“. Претставата е во изведба на актерите на Турскиот театар од Македонија, а режијата е на Коле Ангелоски.
„Претставава е направена така да со голем респект према Шекспир, со голем респект према текстот кој што е доста раскалашен, и до некои граници и безобразен текст, ренесансно богат, со интересни ликови, таа една класична форма ја правиме од еден денешен аспект“, вели режисерот ангелоски.
Актерот Селпин Керим, кој во претставата ги толкува ликовите на Антифол од Ефес и Антифол од Сиракуза, истакна дека за него лично бил вистински предизвик и уживање да се работи со Коле Ангелоски.
„Кога има мајстори, кога се гледа и се учи од нив, како Коле Ангеловски, тогаш е уште полесна работата за нас кога имаш репер да видиш“ објасни Керим.
Претставата е базирана на постар текст од Плаут, од римско време и за првпат е изведена на 28.12.1594 година. Инспирирана од плаутовите Менехми, како најкратка комедија, Шекспир го збогатил дејствието, но иако е брза, скоро фарсична комедија, сепак е една од најиграните која е преведувана на повеќе јазици, а според неа направени се и мјузикли, опери, снимени се филмови и безброј различни интерпретации.
„За мене ова е најчудниот текст на Шекспир, на најчуден начин е поставена а многу малку е поставена на сцена, за прв пат во турскиот театар. Мислам, нема да разберете за што е поставена, ама ние ќе се обидеме да ви објаснеме и на крај така ќе заврши не знам и ние што направивме, но добро е“, објасни Џенап Самет – актер НУ Турски театар Скопје РМ.
Претставата е вечерва во 21 часот на големата сцена на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, ќе се игра на турски јазик, со превод. Цена на влезницата е 200 денари.