23-то издание на детскиот фестивал Распеано рибарче
Вкупно 13 нови детски музички композиции беа изведени на 23-тото издание на детскиот музички фестивал „Распеано рибарче“ кој се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Во името на локалната самоуправа која е покровител на настанот, се обрати советничката во Советот на Општина Охрид, Ана Крстеска.
Голема радост за сите нас е овој прекрасен и распеан ден. Мило ни е што по двегодишна пауза во Охрид повторно одѕвонува веселата детска песна, која ни носи милина во душата и ги топли нашите срца. На ова 23 издание на единствениот детски фестивал во нашиот град „Распеано рибарче“ ќе бидат отпеани нови 13 рефрени со кои ќе патуваме во волшебниот свет на децата, исполнет со љубов и убавина. Во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков упатувам срдечни честитки до организаторите на фестивалот со надеж дека ќе продолжат неуморно да ја развиват детската музичка култура и преку ваков вид на забава да им пренесуваат едукативни пораки на најмладите. На сите учесници им посакувам многу успеси, со желба да продолжат да ги развиваат и да ги покажуваат своите музички таленти – рече Крстеска во дел од своето обраќање.
Организатор на фестивалот е „Здружението на музички изведувачи-Охрид“. Уметнички директор на фестивалот е Методија Бараковски, а фестивалскиот совет го сочинуваат Милчо Јованоски, Димче Китрозоски, Јовица Карлиевски и Зоран Левески.