Skip to main content

Поети, музичари и уметници од шест држави ќе учествуваат на 37. Поетска ноќ во Велестово

Програмата ќе започне во петок, на 15-ти август 2025 година, во 21:00 часот во селото Велестово со поетски портрет на Андреј Ал-Асади, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што ќе следува интернационаланото поетско читање „Имаго“. Ќе биде отворена и изложба на академскиот сликар Стефан Младеновски.
 |  инфодеск  | 

Во петок, 15 август, со почеток во 21 часот во Велестово со поетскиот портрет на Андреј Ал-Асади, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, започнува 37. Поетска ноќ во Велестово. На годинешното издание на интернационалниот фестивал ќе настапат шеснаесет поети, музичари и уметници од вкупно од шест држави (Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија).

По претставувањето на поетскиот портрет на Андреј Ал-Асади, годинешниот поет во фокус на „Поетска ноќ во Велестово“, ќе следува интернационалното поетско читање „Имаго“, на кое ќе настапат поетите од странство. Истата вечер, од 22:30 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово ќе биде отворена и изложбата „Непредвидливи соочувања“на академскиот сликар Стефан Младеновски.

Следните два дена ќе се одржат и две книжевни промоции на стихозбирки од Мирослав Кирин од Хрватска и на Фарид Хусеин од Азербејџан, како и две интернационални поетски читања, едното во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово и завршното поетско читање ќе се одржи в недела, на 17 август, во кафе и бар „Шила“ во Охрид. Во програмата предвиден е и кус музички концерт на Игор Климовски (соло хармоника), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на поетите од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”), Загреб.

Постерот за годинешното издание на фестивалот е посветен на пеперутките на Галичица, со цел да се подигне свеста за нивната заштита. Автор на постерот е Андреј Павлов.