40 годишен јубилеј Интернационална ликовна колонија „Дебрца“
Водена со ентузијазмот и повеќе деценоската посветеност на основачот, ликовниот уметник и педагог, Ѓорѓи Целески, Интернационална ликовна колонија „Дебрца“, најстара во земјата и со најбогат фонд ликовни дела, стигна до својот голем јубилеј – 40 години постоење и успешна дејност.
Годинешното издание, започнува во сабота, на 28-ми јуни, а свеченото отворање е закажано за 20:00 часот, во Галеријата на Колонијата, во селото Белчишта, седиштето на Општина Дебрца.
Годинава, организаторот, Здружението „Ликовна колонија – Дебрца”, како што приличи за една јубилејна програма, покани 12 афирмирани учесници, од земјата и светот, мегу кои и академскиот ликовен уметник Јордан Манасисески, редовен учесник на Колонијата, кој, овој месец одбележа 50 години ликовно создавање, како и присуство на светската ликовна мапа со изложби во најпознатите ликовни метрополи. Учествуваат уште: Драган Најденовски од Битола, Славица Тамеска од Охрид, Андреј Антевски од Куманово, српските уметтници: Мирослав Крунич и Иван Коцич, Никола Ненезиќ од Црна Гора, Красимира Друмева од Бугарија, Павлина Боботанова и Ѓулај Ѓуксел од Турција, Анастас Констандини- Тасо од Албанија и канадскиот ликовен уметник Мајкл Клос.
Галеријата на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца” ја красат над 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија, меѓу кои и академик Димче Коцо, како и десетици познати ликовни дејци од светот.