Skip to main content

8-мо издание на Drim Short Film Festival во Струга

Осмото издание на фестивалот ќе се одржи со идејата за „Бесконечна слобода“, за оние кои измислуваат нови универзуми и за оние кои патуваат низ нив, за оние кои веруваат и за оние кои не веруваат.
 |  инфодеск  | 

Oд 8-ми до 11-ти август во Струга ќе се одржи осмото издание на Drim Short Film Festival.

Осмото издание на фестивалот ќе се одржи со идејата за „Бесконечна слобода“, за оние кои измислуваат нови универзуми и за оние кои патуваат низ нив, за оние кои веруваат и за оние кои не веруваат. Слободата е болест што не се лекува. А филмот е една бесконечност од светови, фантазии и имагинации, во кои слободата не завршува онаму каде што почнува слободата на другиот. Денес кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, тогаш бесконечноста е нашиот придонес кон слободата, велат организаторите.

Фестивалската програма ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во интернационална, регионална, студентска поддржана од Europe House Struga и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, во селекција на Иван Бакрач. Со цел промоција на македонскиот филм и македонските филмски автори, фестивалот и оваа година ќе ја претстави програмата „MK Special“ чиј победник го избира публиката. Фестивалот продолжува со VR програмата каде ќе се прикажат кратки филмови во специфичен формат.

Едукативниот дел од фестивалот ќе содржи два мастеркласови, како и една дискусија за филм на тема ,,Соочување со минатото” во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот.

Музичката програма оваа година ја посветуваат на македонската музика. Фестивалот ќе го отворат групата Фолтин со целовечерен концерт, додека фестивалот ќе го затвори групата Искра, која со себе носи информации од иднината.

Drim Short 2024 ќе биде реализиран во соработка со Sky Music Center Skopje, Министерството за култура, Форум ЗФД Скопје, Europe House Struga, НУЦК Браќа Миладиновци – Струга, AКВА Струга, Хотел Дрим, Струшки вечери на поезијата, Мезе бар Кингстон и Мезе бар Барабар. Медиумски покровители на фестивалот се Play Radio и Филм+.