Стружанката Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026 со песна на Никола Мицевски и Илчо Нечовски

Македонската радио телевизија објави дека Ана Стојаноска е избрана да ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026, кој ќе се одржи на 24 октомври 2026 година во Валета, Малта.
-Ана беше избрана по спроведена аудиција за избор на претставник на нашата земја. По внимателно разгледување и преслушување на настапите на кандидатите, стручната жири-комисија донесе едногласна одлука, препознавајќи ги вокалните способности, сценската појава и уметничкиот потенцијал на Ана. Композицијата со која Македонија ќе настапи на Јуниорскиот Евросонг 2026 е дело на Никола Мицевски, едно од најпочитуваните и најуспешни имиња на македонската музичка сцена. Песната беше избрана преку отворен конкурс за автори, при што жири комисијата исто така донесе едногласна одлука во корист на композицијата на Мицевски, се вели во соопштението од МРТ.
Од таму додаваат дека Никола Мицевски е моќна креативна сила со импресивен авторски опус и важи за еден од најистакнатите македонски композитори, аранжери и музички продуценти. Неговата музика носи препознатлива емоционална длабочина, силен мелодиски идентитет и префинет продукциски израз, со што неговото творештво остава значаен белег во современата македонска музика. Со своето искуство, музичка сензибилност и способност да создава песни кои ја поврзуваат емоцијата со современиот звук, Мицевски носи силна уметничка основа во македонската евровизиска приказна.
Инаку, како што објавија од МРТ, текстот на песната е дело на Илчо Нечовски, кој е познат на пошироката јавност како дел од популарниот македонски бенд „Дупер“. Од таму додаваат дека како автор и изведувач, Нечовски е препознатлив по својот современ лирски израз, автентичност и способност личната емоција да ја преточи во јазик што е директен, младешки и близок до публиката. Неговиот придонес ѝ дава на песната свеж поетски глас, внесувајќи топлина, искреност и современа сензибилност во нејзината порака.
Македонската радио телевизија најави повеќе детаљи за песната и за нејзиното претставување во наредниот период.
Извор: МРТ




