Балкански фестивал – 65 години традиција, фолклор и културно поврзување

Шеесет и пет години традиција, фолклор и културно поврзување. Охрид и годинава ќе биде домаќин на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, една од најстарите и најзначајни фолклорни манифестации во регионот. Јубилејното издание носи богата програма, настапи на ансамбли од повеќе балкански земји и уште една потврда за значењето на фестивалот во зачувувањето на културното наследство.
Со повеќедецениска традиција, Балканскиот фестивал прерасна во препознатлив културен бренд на Охрид и Македонија. Отворањето е вечерва во 20 30 часот на платото пред ЦК Григор Прличев.
„Одбележувањето на 65 години од постоењето на Балканскиот фестивал е голем повод за гордост, не само за Охрид, туку и за целата македонска културна сцена. Овој фестивал е еден од најстарите и најзначајни фолклорни фестивали на Балканот, кој со својата долгогодишна традиција ги поврзува народите и ја афирмира богатата културна ризница на Македонија.” – вели Татјана Узунова, координатор на Балкански фестивал.

Годинава фестивалот повторно ќе обедини ансамбли од повеќе балкански земји, кои преку песна, игра и традиционална носија ќе испратат силна порака за пријателство, меѓусебно почитување и културен дијалог. Организаторите најавуваат богата програма, исполнета со автентични фолклорни настапи и незаборавна фестивалска атмосфера.
„Фолклорот останува еден од најсилните чувари на културниот идентитет. Тој ги пренесува вредностите, обичаите и историјата од генерација на генерација и нè потсетува кои сме и од каде потекнуваме. Иако живееме во современо време, за наша среќа интересот кај младите сè повеќе расте. Токму затоа фестивалите како Балканскиот имаат огромна улога — не само да го зачуваат наследството, туку и да го доближат до новите генерации.“- вели Узунова.

Во рамки на четиридневната програма, љубителите на фолклорот ќе имаат можност да проследат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија, Албанија, Бугарија и Хрватска, кои преку автентични песни, игри и носии ќе го претстават богатото народно творештво.
Фестивалот свечено ќе биде отворен со изведбата на „Билјана платно белеше” од КУД „Ѓердан од бисери” од Охрид, по што ќе следува целовечерен концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец” од Скопје.
Соња Рилковска







