Битолски театар премиерно ќе ја изведе претставата „Галеб“ од Чехов вечерва на „Охридско лето“
Претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов во изведба на Битолскиот народен театар,во режија на Багријана Попов е првата драмска премиера на годинешното Охридско лето. На Долни Сарај битолските актери ќе ја ожевеат Чеховата антибајка за нереализираните амбиции, за една мазохистичка потреба на луѓето да страдаат во животот, кажа на денешната прес-конференција селекторката на драмската програма, Сања Арсовска.
„Секогаш е комично тоа дека иронијата на животот не знаеме каде ќе не однесе и тоа е всушност што Чехов го прави со своите комедии и со самото тоа што оваа претстава која се вика Галеб што симболизира ширина и слобода, внатре ликовите се прилично затворени како во кафез во своите животи.“ – кажа Арсовска.
Режисерката Багријана Попов од Австралија која гради интернационална кариера кажа дека е привилегија и задоволство да се работи со битолскиот театар, со кој прв пат соработувала пред дваесет години. Таа покажува силен интерес за драмите на Антон Чехов,а сега за прв пат режира претстава за Охридско лето.
„ Чехов ја нарекува оваа претстава комедија иако е испреплетена во некои сцени со страдања. Воедно претставува и искуство на љубовта, како и природата бидејќи централно место во претставата има едно езеро. Затоа совршено е претставата да се изведе тука каде што има поглед на езерото. Сум го режирала Чехов во 4 држави во Австралија, во Финска и во Бугарија и секогаш е фасцинантно да се види длабочината и убавината на оваа претстава, кревкоста на човечките битија и начинот на кој ја третираме природата. Работејќи со битолскиот театар разоткриваме како оваа претстава се доживува овде во Охрид, како ова место ни зборува нам и преку нас.“ – кажа режисерката Попов.
Илија Волчевски од Прилепскиот театар кој го игра главниот лик Трепљов истакна дека Чехов е предизвик за секој актер.
„Ми бил предизвик уште од академија. Галеб ми е омилена од драмите на Чехов. Со колегите во претставата се познаваме , со режисерката прв пат се видовме на проба , но секогаш е предизвик да се работи затоа што не сум на матичната сцена и поголема улога е поголема одговорност , но на крај мислам дека се излезе како што треба. “ – кажа Волчевски.
Леонида Гулевска ја толкува улогата на Маша, за која ќе каже дека е тежок и возбудлив лик.
„Не е сфатена, не е слушната. Многу луѓе се соочуваат со тој проблем и мислам дека е и добра порака за младите дека треба да се бара оптимизмот во секоја ситуација и тоа да биде таа светла точка во тунелот кон која што одиме.“ – кажа Гулевска.
Огнен Дранговски ја толкува улогата на доктор Дорн, за која вели дека дошла во вистински момент во неговиот живот, после многу километри минати на сцената, после изиграни бројни ликови.
„ Баш убаво дојде сега затоа што ми треба малку да се повлечам, да не бидам толку занесен како Трепљов или како Маша да го видам се она во претставата со свои очи, се разбира, без цинизам. Сите ликови во Чехов се доста обременети со силна драма, трагедија. За доктор Дорн не знаеме многу. Тој самиот одбрал да живее така, без драма, или Чехов намерно го напишал така како некоај свежина.“ – кажа Дранговски.
Претставата ќе се игра на сцената на „ Долни Сарај“ со почеток од 19:30 часот, трае два часа и не е наменета за лица под 16 години.