Охридскиот народен театар вечерва премиерно со „Чаплин во црно-белиот свет“ – детска хуманитарна претстава за Ева
Вечерва Охридскиот Народен театар премиерно ќе ја изведе детската претставата „Чаплин во црно-белиот свет“. Во претставата играат Филип Кипровски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Павел Маслов, Елизабета Стефановска Јандреовска, Биљана Билаловиќ Вељаноска и Ивица Цонев, а режијата е на Ѓорѓи Ризески.
Сите средства од продажбата на билетите ќе бидат донирани за лекувањето на Ева.
ЧАПЛИН ВО ЦРНО БЕЛИОТ СВЕТ е детска театарска претстава инспирирана од делото, поетиката и духот на Чарли Чаплин, но создадена како оригинален сценски настан, наменет за современата детска публика. Претставата тргнува од едноставна, но силна идеја: да го гледаме светот онака како што го гледа дете – низ игра, љубопитност, смеа и фантазија. Тоа е истовремено и начинот на кој Чаплин го гледал светот во своите филмови.
Чаплин во црно белиот свет е претстава која ги охрабрува децата да размислуваат, да чувствуваат и да веруваат дека нивната игра има моќ. Тоа е театар кој не поучува со зборови, туку со слика, движење и радост.
