Skip to main content

Детско драмско студио „Драмакидз“

“ЦЕПЕНКОВ’N ROLL” е новата премиера на детското драмско студио „Драмакидз“

Вредните мали големи актери од Детското драмско студио „Драмакидз“ подготвија нова претстава. Вечерва премиерно за охридската публика ќе ја изведат “ЦЕПЕНКОВ’N ROLL” , музичка детска претстава , со која на еден свеж и провокативен начин ќе ја понесат публиката на патување низ македонската традиција преку народните умотворби собрани од големиот Цепенков. Ова е трета претстава на детското драмско студио при Центарот за култура Григор Прличев кое полека но сигурно прераснува во една сериозна театарска атракција.
 |  Маја Савиќ  | 

Музичката детска претстава “ЦЕПЕНКОВ’N ROLL” е новата премиера на детското драмско студио „Драмакидз“. Неуморните мали големи актери подготвени од режисерката Ирена Стеријовска Јончевска и драматургот Кристина Тодороска Петреска на публиката ќе и претстават мјузикл со поговорки, поуки, приказни и гатанки, но на јазикот на денешницата.

Претставата е патување низ македонската традиција со еден свеж и провокативен пристап, вели драматурготТодороска Петреска.

„Го одбравме Цепенков како неизмерен извор на мудрости и приказни и истиот се обидовме да го преведеме на денешен јазик, како би звучел денес Цепенков во едно урбано опкружување со една дијалектологија на разговорниот јазик , а исто така јазик кој е доста забавен за децата и за публиката. Мислам дека имаме еден навистина интересен збир на сатирични приказни во коишто и младите но и повозрасните ќе се забавуваат.“ – кажа Тодороска Петреска на денешната прес конференција по повод вечерашната премиерна изведба на претставата.

Детското драмско студио „ДрамаКидз” во кое членуваат 22 деца актери на возраст од 9-14 години од сите училишта во Охрид, полека но сигурно прераснува во една сериозна театарска атракција. На прес конференцијата не можеа да ја сокријат возбудата во очи на премиерата.

„ Кога дојдов во ова драмско студио иако сум нова сватив дека сите фунционираат како едно семејство, се дружиме и се сакаме без предрасуди и дека се е супер. “ – кажа Мила Милошевска.

„ На оваа претстава потрошивме многу енергија и се препотивме , ја работевме со месеци , ви препорачувам да ја гледате.“ – кажа Јана Шурбановска.

„ Оваа претстава е многу фантастична и мислам дека мора да дојдите да ја гледате , многу е убава и толку. “ – рече Горазд Ѓорески.

„ Тимската работа на оваа претстава е многу важна. Преку овај проект ние сакаме да го оживееме ликот и делото на Марко цепенков и да ги прикажиме приказните кои денеска се актуелни. Публиката може вечерва да очекува многу смеа, музика и вистинска магија.“ – најави Матеј Бакулески.

„ Во секоја од овие приказни имаме по една поука и секако ако дојдете на претставава ќе ги откриете и вие.“ -и порача на публиката Илина Богоевска.

„Преку оваа претстава откривме многу дела и се она што македонската историја и македонската литература кријат. Ние заедно со драматургот и режисерката откривавме тимска работа, многу труд и се што е потребно за да се оствари една ваква претстава .“ – кажа Бојана Башоска.

Ексклузивна и исклучителна чест ми претставува што можам да ги поканам граѓаните на премиерата што ја подготвија овие прекрасни млади луѓе, кажа директорот на НУ ЦК „Григор Прличев“ Охрид, Горан Стојаноски. Тој им се заблагодари на децата од драмското студио за нивниот ентузијазам , љубов и доверба која ја имаат во тимот кој работи со нив, а од заедницата побара да ги поддржува гледајќи ги нивните претстави.

„Околу мене има една екипа која три години работи турбо и можам да ја претставам иднината на нашите нови граѓани кои ќе се занимаваат со жива култура. Овие деца внесоа нова енергија во оваа наша куќа, една свежина, една убавина, на чело со нашата режисерка Ирена Стеријовска Јончевска, Кристина Тодороска Петреска и координаторот Зоран Левески.“ – кажа Стојаноски.

“ЦЕПЕНКОВ’N ROLL” е трета претстава на „Драмакидз“ и традиционално премиерата е експресно распродадена. Но може да се набави влезница за репризната изведба која е закажана за во петок, 13-ти декември со почеток во 20.00 часот. Картите се во продажба на билетарата на Центарот за култура по цена од 150 денари.