Чешка вечер со трио „Халир“
Традиционалната Чешка вечер на фестивалот „Охридско лето“ што се одржува со поддршка на Чешката амбасада во Македонија, вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе донесе целовечерен концерт на триото „Халир“.
Ова трио e оформено во 2016 година со цел да се одржи споменот на ликот и делото на Чешкиот виртуозен виолинист Карел Халир (1859-1909). По неочекуваната смрт на водечкиот чешки пијанист Вацлав Маха, триото „Халир“ го сочинуваат: Едуардо Гарсија Салас (шпански виолинист кој живее во Прага), словачката виолончелистка Јана Подолска и чешката пијанистка Барбора К. Сејакова. Сите членови се добитници на награди и признанија на меѓународни натпревари.
Настапуваат на фестивали во Шпанија (Махон, Кордоба, Тарагона, Кадиз) како и во повеќе градови во Чешка, Германија и др, секогаш добивајќи позитивни критики за нивните настапи. Во 2017 година триото го снима својот прв албум „Гранадос-Дворжак“ во Аудиториумот во Леида (Шпанија) за чешката издавачка куќа „АркоДива“ во соработка со „Наксос“. На ЦД- то се поместени Клавирското трио оп. 50 од Гранадос и Клавирското трио оп. 65 од Антонин Дворжак. Второто дело е едно од најзначајните дела за камерни состави од Дворжак, кое Карел Халир го изведува премиерно во Германија, во Манхајм во 1883 година. Следниот албум на триото повторно содржи референца на премиерата на делото за трио од Паул Jуон кое Карел Халир го извел во 1902 година како и Клавирското трио оп. 50 од П. И. Чајковски кое овој легендарен виолинист го извел во Лајпциг во 1888 во присуство на самиот композитор.