Skip to main content

Цуцковски од Белград: „Охридско лето“ е моќен инструмент на културната дипломатија и мост меѓу народите

Културниот дијалог, уметноста, музиката и меѓучовечките врски беа во фокусот на настанот „Cultural Notes of a Shared Future” (Културни белешки за заедничката иднина), кој ја истакна улогата на културата во градењето меѓусебно разбирање и создавањето заедничка иднина во сè поповрзаниот свет.
 |  инфодеск  | 

Директорот на Националната установа „Охридско лето”, Ѓорѓи Цуцковски, учествуваше како говорник на панел-дискусијата посветена на културната дипломатија, која се одржа во Палата Србија во Белград. На настанот присуствуваше и премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут, заедно со бројни претставници на дипломатскиот, културниот и академскиот сектор.

Културниот дијалог, уметноста, музиката и меѓучовечките врски беа во фокусот на настанот „Cultural Notes of a Shared Future” (Културни белешки за заедничката иднина), кој ја истакна улогата на културата во градењето меѓусебно разбирање и создавањето заедничка иднина во сè поповрзаниот свет.

Претставниците на културните институции, уметници и експерти од повеќе земји, разговараа за културата како значаен инструмент за јакнење на меѓународната соработка, развојот на културната дипломатија и продлабочувањето на меѓусебното разбирање меѓу народите.

Во своето обраќање, Цуцковски го претстави најголемиот македонски музичко-сценски фестивал „Охридско лето”, осврнувајќи се на неговата повеќедецениска улога во афирмацијата на македонската култура и уметност на меѓународната сцена.

„Охридско лето претставува една од најзначајните платформи за културна дипломатија на Северна Македонија. Основан во 1961 година, фестивалот повеќе од шест децении ги поврзува уметниците, институциите и публиката од различни земји преку музиката, театарот и другите сценски уметности. Културната дипломатија се заснова на идејата дека културата може да создаде меѓусебно разбирање и доверба меѓу народите. Во таа смисла, Охридско лето функционира како „мека моќ” на државата, претставувајќи ја македонската култура пред меѓународната јавност и истовремено овозможувајќи културна размена со светот”, истакна Цуцковски.

Тој ја нагласи важноста на „Охридско лето” како платформа за промоција на националниот идентитет, но и како мост што ги поврзуваат различните култури и народи.

„Фестивалот има силен меѓународен карактер. На неговите сцени настапувале бројни светски познати уметници, диригенти, солисти и театри, што придонесува за градење на позитивен културен имиџ на државата и за нејзино позиционирање на европската и светската културна мапа. Особено значајна е улогата на фестивалот во поттикнувањето на интеркултурниот дијалог. Како член на European Festivals Association и потписник на декларации за интеркултурен дијалог, Охридско лето создава простор каде различни културни традиции се среќаваат и комуницираат преку уметноста”, кажа Цуцковски.

Говорејќи за значењето на фестивалот, Цуцковски истакна дека „Охридско лето” одамна ја надминало рамката на обичен културен настан и прераснало во значаен промотор на државата.

„Покрај културната, фестивалот има и туристичка и промотивна функција. Одржувањето на настаните во уникатниот амбиент на Охрид ја афирмира државата како културна и туристичка дестинација, привлекувајќи посетители, медиуми и уметници од различни земји. Охридско лето не е само фестивал на уметноста, туку и важен инструмент на културната дипломатија. Преку промоција на културните вредности, поттикнување на меѓународна соработка и развивање на интеркултурен дијалог, фестивалот придонесува за зајакнување на меѓународниот углед и културниот идентитет на Северна Македонија”, нагласи Цуцковски.

Настанот собра истакнати претставници од културниот и академскиот сектор од неколку земји. Покрај директорот на НУ Охридско лето учесници беа и Жанг Аимин, директор на Кинескиот културен центар во Белград, професорот Синиша Бокан од Академијата на уметностите при Универзитетот во Нови Сад, Иван Ќуркчиев, директор на компанијата „Верди Опера” од Бугарија, Јанг Јанг, диригент на Националната опера на Кина, како и Драгослав Станисављевиќ, директор на музичката продукција на Радио-телевизија Србија (РТС).

Панелот испрати силна порака дека културата останува еден од најважните двигатели на меѓународната соработка, довербата и разбирањето меѓу народите, а културната дипломатија е клучен инструмент за градење заедничка и одржлива иднина.