„Д Фестивал“ после 14 години од Дојран се сели во Штип

„Пасворд продукција“, организатор на еден од најголемите фестивали во државава – Д Фестивал, кој со години се одржува во Дојран, соопшти дека оваа година фестивалот ќе се одржи покрај реката Брегалница, во Штип.
-По години магични изгрејсонца, музика под ѕвездите и слобода на брегот на Дојран, време е за ново поглавје. Со срце полно љубов и почит, кажуваме огромно БЛАГОДАРАМ на прекрасните Дојран и дојранчани за сите незаборавни моменти, за гостопримството со кое својот град го направија местото каде што од 2011 година нашите соништа се спојуваа со реалноста. Но, полека и сигурно нашата Д заедница расте, и како дете што го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и Д Фестивал тргнува по нов пат. Ова лето, за јубилејната 15ка, нашиот фестивалски караван продолжува кон ШТИП – опкружени со планини и река, ПОД ИСАРОТ е новата дестинација за најпозитивната фестивалска дружина, нов простор за магија и ново платно за испишување на највозбудливите фестивалски приказни. Нови хоризонти, истиот дух, уште повеќе љубов!“ – велат организаторите на „Д фестивал“ во нивната објава.
Според информациите кои некои медиуми ги објавија, фестивалот ќе се одржи на просторот позади Исарот, покрај пешачката патека која води кон Ново Село до паркот на милениците, кој лани во ноември беше уреден со средства од УСАИД.
Latest Сцена & Муабети
