Денес ќе се одржи настанот „Лиминални простори – лиминални тела“ – проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс
Денес во НУ Центар за култура “Григор Прличев” – Охрид ќе се одржи „Лиминални простори – лиминални тела“ проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс, кои се уникатен спој од филм и танц каде ќе се истражат концептот на лиминалност – границите меѓу телото и просторот, минатото и сегашноста, хаосот и тишината, трансформацијата и слободата.
Овој настан е дел од последниот работен пакет „Напуштени места“, во склоп на проектот „СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА-имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес.
Влезот е бесплатен, но сите кои сакаат да присуствуваат на настанот треба да си резервираат место со испраќање на меил на abandonedplaces.mk@gmail.com или порака на: 070/250-500.
Проекција на краткиот танцов филм „ЛИМА“ (13 минути)
„ЛИМА“ е експериментален филм во режија на Батухан Ибрахим, работен според оригинална идеја и кореографија на Ивана Балабанова, кој низ танцовиот медиум се обидува да им вдахне живот или да им даде поглед од нов ракурс на неколку простори во Охрид, кои припаѓаат на модернистичкото наследство. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на овие простори, слушајќи ги нивните приказни и следејќи ја емоцијата, филмот креира еден нов свет во кој носталгијата се претвора во надеж.
Извршен продуцент: Јасмина Билаловиќ
Концепт: Ивана Балабанова, Батухан Ибрахим, Јасмина Билаловиќ
Режија: Батухан Ибрахим
Кореографија: Ивана Балабанова
Асистент на режија: Марија Бошковска
Директор на фотографија: Стефан Ѓорѓиевски
Играат: Тереза Лазарев, Стефани Шааршмидт, Софи Ларсон
Композиција: Алесандро Ола
Костим: Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ, Маја Ѓуреска
Шминка: Павел Маслов
Фотографија на сет: Ања Калин
Видео на сет: Мартин Михајлов (Марсбен продукција)
Партнери: К.Ц. МЕДИА АРТЕС, Зенит Продукција, Битрикс Културен Центар, Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, Танц бункер, НУЦК Григор Прличев Охрид, Охридтурист АД, Младински центар Охрид, ФДУ Скопје, Zurich University of The Arts
Изведба на танцовиот перформанс “Лиминално тело-2” (30 мин)
„Лиминално тело-2“ е перформанс на кореографката Ивана Балабанова која го истражува концептот на лиминалност како одраз на современото човечко искуство. Вкоренет во танцот, но збогатен со влијанија од музиката и театарот, делото го истражува внатрешниот пејзаж на поединци кои егзистираат во состојба на постојана трансформација, фатени меѓу транзициите и кои се борат да се прилагодат во светот што ги обзема. „Лиминално тело-2“ не е само апстрактен концепт, туку одговор на притисоците на модерниот живот – обид да се ослободиме од културните, социјалните и капиталистичките ограничувања. Преку експериментален пристап, изведбата се менува помеѓу спротивставени состојби – хаос и мир, бучава и тишина, густина и флуидност – нудејќи висцерално истражување на емотивниот пејзаж на денешниот свет, таков што ги разбранува сетилата и го предизвикува телото да најде слобода во своите граници.
Играат: Тереза Лазарев, Стефани Шааршмит
Кореографија: Ивана Балабанова
Музика: Алесандро Ола
Сценографија: Мартин Манев
Костими: Маја Ѓурчиноска и Антонија Гугинска
Светло: Игор Митревски, Борис Вељаноски
Тон: Митко Серафимоски
Партнери: К.Ц. МЕДИА АРТЕС, Битрикс Културен Центар, Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, Lichthof theater Hamburg, Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, НУЦК Григор Прличев Охрид, КСП Центар-Јадро Скопје.