Skip to main content

Народен театар Охрид

Денеска се слави убавината и важноста на театарската уметност

Охрид доби професионален Народен театар во 2011 година на иницијатива на една мала група ентузијасти, амбициозни актери и оптимисти кои со години работеа на остварување на тој сон, на возобновување по 50-тина години на театарскиот живот во градот.
 |  инфодеск  | 

Денеска се одбележува Светскиот ден на театарот, 27-ми март. Овој ден се слави за да се истакне важноста и убавината на театарската уметност и актерите кои не поучуваат, забавуваат и носат значајни промени во нашите животи. Темата за Светскиот ден на театарот за 2024 година е „Театарот и култура на мирот“.

„Уметноста, добрата уметност успева на свој, чудесен начин, да ги соедини уникатното со универзалното. Но ни допушта да разбереме каде е разликата, на она што би се рекло – што е уникатно, а што универзално; и со тоа, уметноста ги пробива јазичните бариери, географските граници на сите земји, држави; и ги соединува, не само индивидуалните квалитети на луѓето, туку и индивидуалните особености на сите групи на народи, од сите нации.“ – се вели во светската порака по повод Светски ден на театарот што годинава ја упати норвешкиот писател, драматург и добитник на Нобеловата награда за литература за 2023, Јон Фосе.

Охрид доби професионален Народен театар во 2011 година на иницијатива на една мала група ентузијасти, амбициозни актери и оптимисти кои со години работеа на остварување на тој сон, на возобновување по 50-тина години на театарскиот живот во градот.

Првата претстава на Народниот театар Охрид беше „Метаморфози“ во режија на Андреј Цветаноски и до денес на матичната сцена театарот одиграл над 400 претстави кои ги погледнале повеќе од 50 000 посетители, изиграни над 40 премиери од еминентни режисери, гостувања и награди на фестивали, меѓу кои и на реномираните Војдан Чернодрински и Ристо Шишков.

На Народниот театар, кој функционира во рамки на Центарот за култура „Григор Прличев“ и на Охрид му e потребен репрезенатативен театарски дом. Но тој проект за нова тетараска зграда, кој се заговара со години, очигледно и понатаму ќе чека некои подобри времиња.

По повод светскиот Ден на театарот, Народен театар Охрид ќе ја одигра претставата „НЕСФАТЕНАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристевска Петрушева. Претставата е бесплатна за публиката.

Несфатената цивилизација е претстава за културолошкиот и социолошки идентитет на човекот, претстава за глобализацијата и традицијата, како и за ефектите од нив врз целокупното општествено живеење. Комедија, што преминува во ГРОТЕСКА И ИРОНИЈА, и што прави детална и болна дисекција на нашата целокупна колективна свест.

Играат: Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Павел Маслов, Филип Кипровски, Никола Тодороски и Ивица Цонев. 

Светскиот ден на театарот е инициран во 1961 година од страна на Меѓународниот театарски институт.