Дина Јашари на 5 август ќе настапи во Струга на фестивалот „Дрим Шорт“

Македонската музичарка Дина Јашари на 5 август ќе одржи концерт во Струга, во рамки на програмата на фестивалот „Дрим Шорт“. Настапот ќе се одржи во Паркот на поезијата и е дел од нејзината прва поголема турнеја низ Македонија.
По четири години активни настапи, регионални гостувања и континуирано градење на својот авторски израз, Јашари ова лето и есен реализира турнеја низ седум македонски градови.
Турнејата започна на 2 јули во Скопје, каде што Дина Јашари настапи како предгрупа на легендарниот британски состав Duran Duran во арената „Борис Трајковски“, а продолжува со концерти низ повеќе градови во текот на јули, август и септември.
Покрај Струга, турнејата ги опфаќа и Кочани (11 јули), Виница (23 јули), Кичево (25 јули), Битола (20 август), Вртешка (4 септември) и Штип (17 септември).
Дина Јашари важи за една од највпечатливите авторски појави на современата македонска музичка сцена. Нејзиниот албум „Растенија без корен“ беше одлично прифатен и во Македонија и во регионот, а со својот препознатлив музички израз, сензибилитет и авторски печат се етаблираше како еден од најзначајните гласови на новата домашна музичка сцена.







