Долни Сарај синоќа пулсираше во духот на афробит ритамот со Националниот џез оркестар и Шеон Кути
Сцената „Долни Сарај“ синоќа беше центар на музичките збиднувања во Охрид со концертот на „Охридско лето“ кој го одржаа Националниот џез оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, вокал и саксофонист, Шеон Кути, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.

На програмата беа изведени авторски композиции од богатото творештво на Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар. Со врвна квалитетна музика, но со малку поопуштена атмосфера фестивалот понуди еден летен концерт базиран на танц наменет за пошироки маси. Публиката уживаше во композиции кои никогаш досега не биле концертно изведени и не се издадени на ниту еден носач на звук. Долни Сарај беше претесен, се бараше билет и столче повеќе. Директорот на Охридско лето, не го крие задоволството што влезниците за скоро сите концерти и претстави однапред се распродаваат.

„Просто не можам да го скријам фактот дека сум воодушевен од тоа дека секој концерт е распродаден. Имаме жалби од публиката дека сме во недостаток на билети и за жал или за среќа, самата Св Софија или просторите каде се одржуваат концертите се со ограничен капацитет и можеби публиката наша не е навикната да купува навремено билети….Од тој аспект програмата е повеќе од очигледно добро конципирана да бидеме распродадени секоја вечер и тоа е голем успех за фестивалот како национална установа.” – вели Ѓорѓи Цуцковски, директор НУ Охридско лето.

Охридско лето ги задоволи апетитите на цела публика со врвни содржини од областа на музиката, театарот и визуелни доживувања, со уметници од целиот свет.
„Од спектакуларното отворање преку роденденскиот коцерт, би ја издвоил Британската вечер , можеби бисерот на овогодинешното издание Михаил Плетњов, повеќе од 30 концерти и осум драмски претстави, една претстава за деца, две џез вечери, така што мислам дека ги задоволивме апетитите на цела публика, а и со самото тоа што сме секоја вечер распродадени е показател дека сме на вистинскиот пат.“ – вели Цуцковски.
Фестивалот Охридско лето ќе ја спушти завесата на 20ти август со европска премиера на театрската претстава „Приказната на Електра“ на текст од Сашо Димокси во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Театарска асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА.