Уметникот Сашо Блажес со изложбата „No escape from reality“ го прикажува хаосот на секојдневието и потрагата по внатрешен мир
„Нема бегство од реалноста“ или No escape from reality е насловена самостојната изложба на охридскиот уметник Сашо Блажес која денеска беше отворена во поранешната касарна во Охрид.
Преку 12 слики изработени во комбинирани техники масло и акрил на платно, една инсталација и едно кратко видео, поставени во еден хаотичен и руиниран простор на некогашната армиска менза, уметникот и го открива на јавноста својот критички однос кон реалноста.
„Моите дела претставуваат едно таканаречено истражување на културолошките и психолошките проблеми кои се одвиваат денес . Можам да кажам дека тие се битка помеѓу хаосот и потрагата по мир, потрагата по сопствен мир и избегнување на хаотичносто секојдневие. Кога го видов овај простор овде веднаш добив идеја да направам една изложба која ќе биде некој сублимат, меѓутоа и некоја интеракција со самиов простор и со делата. Поточно, одбрав досега неизложувани дела, само три од овие 14 дела се изложени предходно. “ – изјави Блажес.
Нашето секојдневие и беспомошната состојба на човекот презаситен со информации уметникот покрај со сликарството ја доловува и преку инсталација наречена Tik Tok.
„Имаме човек кој е легнат со својот телефон во рака и е врзан заедно со својот кревет за TikTok апликацијата. Самиот наслов на изложбава е No escape from riality односно од 2019та година ние живееме во една малку поинаква реалност , таа е со information overload (преоптовареност со информации) секојдневно сме ние оптоварени , човекот денес нема простор ни да размислува со својот мозок. “ – вели уметникот.
Блажес по своите последни изложби во Париз , Грац и Венеција одбира своите нови, досега неизложени дела да ги прикаже во еден неконвенционален, ‘’експериментален’’ простор, во охридската касарна, кој е спротивна крајност на светските галерии на современа уметност.
Оваа изложба нека претставува иницијална каписла запуштениот објект на армиската менза да се претвори во галериски простор кој му недостига на Охрид, вели уметникот.
„ Нека биде ова еден поттик, една порака да се испрати за да се направи еден Центар за современа уметност и за Охрид и за регионов , тоа е една идеја, за да имаме продукција на уметници, кадешто уметниците ќе можат да изложуваат , да се изразат. „ – порача Блажес.
Сашо Блажес зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство и бројни групни изложби во Европа, САД, Канада и Јапонија, а негови дела се наоѓаат во приватни збирки низ светот.