Skip to main content

Вечерва со Drive-in Cinema во касарна, започнува 8. издание на Културолошката иницијатива „5 до 12“

Во наредните денови, од 22 до 24 јуни, просторот на Касарна Охрид повторно ќе се претвори во кино под отворено небо, каде посетителите ќе можат да уживаат во филмските проекции од удобноста на својот автомобил.
 |  инфодеск  | 

Со првата проекција на Drive-in Cinema – летното кино со автомобили, вечерва официјално започнува осмото издание на Културолошката иницијатива „5 до 12″, која ова лето ќе се одржува под мотото „Бесконечниот круг на културата”.

Во наредните денови, од 22 до 24 јуни, просторот на Касарна Охрид повторно ќе се претвори во кино под отворено небо, каде посетителите ќе можат да уживаат во филмските проекции од удобноста на својот автомобил.

Програмата започнува вечерва (22 јуни) со проекција на македонскиот филм „К-15: Од другата страна” (2025), во режија на Ико Каров. На 23 јуни ќе биде прикажан филмот „Диџеј Ахмет” (2025), во режија на Георги М. Унковски, додека на 24 јуни програмата ќе заврши со филмот „Враќање на Жикина Династија” (2025), во режија на Милан Коњевиќ.

Влезот во киното ќе биде отворен од 19:30 часот, а проекциите започнуваат во 21:00 часот. По почетокот на филмот нема да биде дозволено влегување. Цената на билетот изнесува 500 денари по автомобил, а билетите се достапни во Shilla Coffee и на самиот влез.

Со оваа проекција започнува и годинешната програма на Културолошката иницијатива „5 до 12″, која во текот на летото ќе донесе повеќе културни, уметнички и забавни настани на различни локации низ Охрид, продолжувајќи ја својата мисија веќе осма година по ред – да создава нови простори за култура, уметност и заеднички доживувања.

Организаторите ги покануваат сите љубители на филмот и летните настани да бидат дел од отворањето на годинешното издание и заедно да го започнат уште едно незаборавно културно лето во Охрид.