Џаро – „Живот на коцка“
Од првите органзирани журки и игранки во Скопје, па се до првиот менаџерски потфат со групата „Индекси“, животот на можеби и најголемиот менаџер на поранешните југословенски простори, Велибор Џаровски-Џаро беше патување, песна, игра и љубов. Но, играта која ја играше не беше секогаш лесна, раскажува неговата ќерка, автор на неговата биографија насловена како „Живот на коцка“. Бурниот и немирен темперамент, остриот ум и специфичниот карактер постојано го соочува со најразлични перипетии, се сеќава Џаро. Бил менаџер во времето кога менаџерството беше непризната професија, човек кој не признава просечност и пораз, незауздан ум кој не се плаши да ги премине границите. Време кога таа професија не била лесна, во држава која беше збир на народи и јазици, во време кога се назираше нејзиниот распад, време кога патот до успехот бил тежок.
„Многу тежок. Држава од 22 милиони луѓе, 6 републики, две покраини, осум држави, осум менталитети, многу јазици, но и националисти кои го упропастија тоа. Еден од најдобрите пеачи во Југославија, покојниот Оливер Драгоевиќ, не само што беше Хрват, по занимање беше Хрват.“ – вели Џаро.
Организатор на повеќе од 5.000 концерти, промотор на безброј пејачи и фудбалери на кои им помогнал да го достигнат врвот во кариерата, бестрашен прекршувач на законот со 135 лажирани натпревари. Секогаш во центарот на вниманието поради различни згоди и скандали, тој остана крал на југословенската естрадна и спортска сцена дури и по нејзиното распаѓање. Денес ќе рече Џаорвски, има менаџери, но ретки се. Младите ѕвезди, ги користат платофрмите на социјалните мрежи за промоција. Плодна е Македонија со музички таленти, а и има сеуште и добри менаџери, вели Џаро. Охриѓанецот Григор Копров, го посочи како едно од последните големи естрадни менаџерски имиња кај нас.
„Имате ваш охриѓанец и мој пријател, малку годините го „јадат“, Копров. Тој има најдобар фестивал овде. Голем фестивал, но најверојатно нема помош околу себе екипа, со која би го направил, меѓународен фестивал, подобар и од „Сунчане скале“, па и од Сплитскиот фестивал.“ – вели Џаровски.
Деновиве Џаро низ земјава ја промовира автобиографската книга „Живот на коцка“, која доживеа и издание и на српски јазик, за ѕвездата на едно старо добро време кое веќе го нема, но ќе остане вечно запаметено. Авторка на книгата е неговата ќерка, новинарка Милица Џаровска, која на еден забавен начин ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро. Македонското издание на книгата е на издавачкиот центар „Три“.