Skip to main content

Биографија на еден од најголемите менаџери во поранешна Југославија

Џаро – „Живот на коцка“

Во време кога преку социјалните мрежи, самопромоцијата полека ама сигурно професијата менаџер ја направи непотребна, еден од најголемите менаџери на поранешните југословенски простори, Велибор Џаровски Џаро, низ земјава ја промовира автобиографската книга „Живот на коцка“. Книгата е авторско дело на неговата ќерка Милица Џаровска, која на еден забавен начин ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро. Милица од прва рака била сведок на најголемиот број настани за кои пишува, а кои биле секојдневие за нејзиниот татко.
 |  инфодеск  | 
Велибор Џаровски Џаро

Од првите органзирани журки и игранки во Скопје, па се до првиот менаџерски потфат со групата „Индекси“, животот на можеби и најголемиот менаџер на поранешните југословенски простори, Велибор Џаровски-Џаро беше патување, песна, игра и љубов. Но, играта која ја играше не беше секогаш лесна, раскажува неговата ќерка, автор на неговата биографија насловена како „Живот на коцка“. Бурниот и немирен темперамент, остриот ум и специфичниот карактер постојано го соочува со најразлични перипетии, се сеќава Џаро. Бил менаџер во времето кога менаџерството беше непризната професија, човек кој не признава просечност и пораз, незауздан ум кој не се плаши да ги премине границите. Време кога таа професија не била лесна, во држава која беше збир на народи и јазици, во време кога се назираше нејзиниот распад, време кога патот до успехот бил тежок.

„Многу тежок. Држава од 22 милиони луѓе, 6 републики, две покраини, осум држави, осум менталитети, многу јазици, но и националисти кои го упропастија тоа. Еден од најдобрите пеачи во Југославија, покојниот Оливер Драгоевиќ, не само што беше Хрват, по занимање беше Хрват.“ – вели Џаро.

Организатор на повеќе од 5.000 концерти, промотор на безброј пејачи и фудбалери на кои им помогнал да го достигнат врвот во кариерата, бестрашен прекршувач на законот со 135 лажирани натпревари. Секогаш во центарот на вниманието поради различни згоди и скандали, тој остана крал на југословенската естрадна и спортска сцена дури и по нејзиното распаѓање. Денес ќе рече Џаорвски, има менаџери, но ретки се. Младите ѕвезди, ги користат платофрмите на социјалните мрежи за промоција. Плодна е Македонија со музички таленти, а и има сеуште и добри менаџери, вели Џаро. Охриѓанецот Григор Копров, го посочи како едно од последните големи естрадни менаџерски имиња кај нас. 

„Имате ваш охриѓанец и мој пријател, малку годините го „јадат“, Копров. Тој има најдобар фестивал овде. Голем фестивал, но најверојатно нема помош околу себе екипа, со која би го направил, меѓународен фестивал, подобар и од „Сунчане скале“, па и од Сплитскиот фестивал.“ – вели Џаровски.

Деновиве Џаро низ земјава ја промовира автобиографската книга „Живот на коцка“, која доживеа и издание и на српски јазик, за ѕвездата на едно старо добро време кое веќе го нема, но ќе остане вечно запаметено. Авторка на книгата е неговата ќерка, новинарка Милица Џаровска, која на еден забавен начин ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро. Македонското издание на книгата е на издавачкиот центар „Три“.