Skip to main content

Со емотивна и впечатлива изведба на претставата „Маски“ започна Вдиши театар

Фестивалот продолжува на 11 јуни (четврток) со почеток во 20:30 часот во Предворјето на црквата „Св. Софија“, каде ќе настапат гостите од Општинската организација на Црвен крст Бар, Република Црна Гора, со претставата „Очекувај го неочекуваното“.
 |  инфодеск  | 

Во преполното Предворје на црквата „Св. Софија“, синоќа свечено беше отворено 11-тото издание на Меѓународниот младински аматерски театарски фестивал „Вдиши театар“, во организација на Црвен крст Охрид.

Фестивалот започна со претставата „Маски“, создадена и изведена од младите волонтери на Црвен крст Охрид, која преку емотивна и впечатлива сценска приказна испрати силна порака за предизвиците со кои се соочуваат младите, за потребата од искреност, разбирање, поддршка и прифаќање. Претставата ја отвори темата за „маските“ што луѓето често ги носат пред светот, потсетувајќи дека зад нив неретко се кријат стравови, несигурности и потреба некој навистина да нè слушне.

„Маски“ беше подготвена од тимот на „Вдиши театар“ составен од Емилија Блажеска, Весна Терзиоска, Јованка Сион Доленц и Даниел Наумоски. На сцената настапија 9 млади волонтери на Црвен крст Охрид: Климент Размоски, Анастасија Треноска, Ева Гиновска, Лора и Леа Шумоликоски, Давид Јоанис, Теофанија Костовска, Делфина Митреска и Еге Су, кои со својата актерска игра, енергија и посветеност успеаја да ја пренесат пораката на претставата до публиката.

Публиката со големо внимание ја проследи изведбата, а младите актери беа наградени со долг и искрен аплауз. Позитивната атмосфера и одушевувањето на присутните уште еднаш потврдија дека „Вдиши театар“ претставува значаен културен настан кој му дава простор и глас на младинското творештво.

Фестивалот продолжува на 11 јуни (четврток) со почеток во 20:30 часот во Предворјето на црквата „Св. Софија“, каде ќе настапат гостите од Општинската организација на Црвен крст Бар, Република Црна Гора, со претставата „Очекувај го неочекуваното“.

Станува збор за комедија која на духовит начин го обработува современиот феномен на „самолечење“ и верувањето во совети од интернет наместо во стручни медицински лица. Низ низа комични ситуации, претставата го прикажува судирот помеѓу професионалното знаење и таканареченото „интернет знаење“, нудејќи многу смеа, но и повод за размислување.

И годинава фестивалот обединува млади волонтери од Охрид, Крагуевац, Ужице, Суботица и Бар, кои преку театарот испраќаат пораки за хуманост, емпатија, другарство и позитивни вредности.

Влезот за сите претстави е слободен, а Црвен крст Охрид ги поканува охриѓани и гостите на градот да бидат дел од оваа уникатна младинска театарска приказна и да ја поддржат креативноста, талентот и енергијата на младите.