Skip to main content

Фестивал Охридско лето

Фестивалот „Охридско Лето“ ќе го прослави  63-от роденден со фадо музика

За роденденот на фестивалот за прв пат на програмата традиционална португалска национална песна со извонредниот вокал на Жуана Амендоира од Португалија, придружувана од Педро Амендоира, португалска гитара и Жуао Фелиеп на фадо гитара.
 |  инфодеск  | 
Охридско лето 63 роденден

Најголемата музичко-сценска манифестација во земјава, фестивалот Охридско лето, денес го слави својот 63ти роденден. Богатата историја на фестивалот е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена,  а уметноста создадена на сцените на фестивалот, има универзален јазик со бескрајна моќ и влијание, истакна на денешната прес конференција по повод роденденот на фестивалот, Директорката Наташа Поповиќ.

„Охридско Лето е фестивал со голема традиција и меѓународен углед. Плејада славни музичари и актери, реномирани оперски и театарски куќи, бројни љубители  на уметноста, но и сите оние кои неуморно работеле да го воздигнат фестивалот, ни ја дадоа честа да славиме успешно Охридско лето 63-то, истакна на денешната прес конференција, по повод роденденот на фестивалот, директорката Наташа Поповиќ.

„Охридско Лето без соменине чекори кон нови предизвици, достигнувајќи ги највисоките врвови во музиката и драмската уметност, во светски рамки. Богатата историја на фестивалот е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена. Годинава за прв пат на програмата имаме Фадо музика. Традиционална португалска национална песна со извонредниот вокал на Жуана Амендоира од Португалија, придружувана од Педро Амендоира, португалска гитара и Жуао Фелиеп на фадо гитара.“ – изјави Поповиќ.

Поповиќ изрази огромна благодарност до сите оние кои придонеле за големината на оваа музичко-сценска манифестација, како и вечна благодарност до Ана Липша Тофовиќ, која во далечната 1961 година ни возоможи да ја славиме врвната уметност и да создадеме трајни вредности.

Бисера Чадловска, музичка селекторка на фестивалот Охридско лето, истакна дека особено се горди што годинава успеале, во Охрид да пречекаат големи музички имиња од светот на класичната муизка.

„На сцените на кои се одржува фестивалот секојдневно сме сведоци на концерти, преполни со публика, чии одзив и реакции не прават нас како организатор, презадоволни од работата што сме ја сработиле. Особено сум среќна што од стручната музичка јавност во Македонија секојдневно добивам позитивни критики за годинешната програма.“ – кажа Чадловска.

Исклучителната театарска возбуда остави белег на овие фестивалски денови, кажа Сања Арсовска, драмска селекторка на Охридско лето. Еден од најголемите актери на денешницата, Џон Малкович, на сцената на Античкиот театар, го распосла својот актерски потенцијал, што беше само дел од богатата театарска пнуда на годинешното Охридско Лето.

„Особено радува рекордниот интерес за претставите кои се причина публиката да доаѓа само исклучиво за таа цел. Оваа година, Охридско Лето понуди сериозна театарска програма и навистина ни е жал што на толку голем интерес претставите може да се изиграат само еднаш. Трендот на рекорден интерес очекуваме да продолжи и во втората половина на фестивалот.“- кажа Арсовска.

Арсовска кажа дека жали поради неможноста да се одржи барем еден мастер клас со големиот Малкович, актер со богата театарска и филмска кариера, човек кој соработувал со најголемите синеасти на денешницава.

Фестивалот Охридско лето, поради високото уметничко ниво,  од 1994 година е дел од Европската асоцијација на фестивали, финансиски поддржан од Министерството за култура, под покровителство на Претседателот на државата. За прв пат годинава Фестивалот има поддршка од 11 амбасади.