Германскиот гитарист Рајхенбах со концерт на „Охридско лето“
По маестралниот настап на светскиот виолинист Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија со кој свечено беше отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“, музичката програма продолжува вечерва со концерт на Герхард Рајхенбах, еден од водечките германски класични гитаристи.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Рајхенбах дебитира како солист во 1980 година во Дизелдорф, а на интернационалната сцена првпат настапува во 1990 година на Фестивалот за гитара во Волос, Грција. Оттогаш, повеќе од 40 години одржува концерти како солист, со оркестар и на бројни фестивали кои го носат меѓу останатите на сцената на Берлинската филхармонија и во Интернационалната куќа на музиката во Москва.
Репертоарот на овој уметник содржи повеќе од 35 рецитали и бројни концерти за гитара и оркeстар. Неговите транскрипции за гитара на делата на Скарлати, и особено оние на Бах го поставуваат на чело на интерпретаторите на делата на Бах за гитара во светски рамки.
Во последните децении Рајхенбах е особено активен на полето на современата музика за класична гитара изведувајќи дела кои се специјално напишани за него како Балканската соната на Росен Балкански, 12 концертни студии оп. 48 од Бак Волтерс и дела од Атанас Оуркузунов. Покрај концертните активности, тој е професор по гитара, често е дел од жири комисии на натпревари и посветено работи на нови едиции на репертоарот за класична гитара.