ФА Отекс Фолк со годишен концерт ќе ја обележи работата на фолклорната школа во изминатата година
Фолклорниот ансамбл Отекс Фолк со годишен концерт насловен “Рака за рака, чекор по чекор” ќе го обележи работењето на фолклорната школа во изминатата школска година. Годишниот концерт ќе се одржи на 15-ти јуни (сабота) во Центар за култура „Григор Прличев“- Охрид со почеток во 15:00 часот.
На овој концерт ќе настапат најмладите членови на ансамблот, средната група, како и и вториот состав кои што со голем ентузијазам и љубов ги изучуваа традиционалните фолклорни кореографии во изминатата школска година и ќе прикажат што се научиле од ризницата на македонскиот фолклор.
-Токму темата на концертот “Рака за рака, чекор по чекор” произлегува од самото формирање на почетниот круг за водење на орото, фаќањето за раце помеѓу игроорците и изведувањето чекори од различни делови на Македонија кои се пренесувале од колено на колено. Само така, сплотени низ игра и песна ќе допринесеме до зачувување македонската традиција и култура, велат од ФА Отекс Фолк.
Низ 4 децении постоење во овој ансамбл поминаа генерации играорци кои играјќи ги македонските сплетови и ора, како амбасадори на културата, пропатуваа многу земји низ цел свет и ја презентираа нашата богата фолклорна ризница.
Цената на билетот за годишниот концерт на Отекс Фолк е 200 денари. Концертот е поддржан од Општина Охрид, Министерство за култура на Р. Македонија и НУ Центар за култура „Григор Прличев“.