Холандска вечер со виолинистот Ниек Бар и пијанистот Бен Ким на Охридско лето

Виолинистот Ниек Бар и Бен Ким на пијано ќе изведат концерт во охридската црква „Св. Софија“ вечерва во 21 часот, во рамките на Холандската вечер на фестивалот Охридско лето. Тие ќе изведат дела од Сезар Франк, Франсис Пуленк и од Франц Шуберт.
Ниек Бар важи за харизматичен и сериозен музичар кој ја одушевува публиката не само во неговата родна земја туку и низ светот, на сцените на Филхармонијата во Берлин, „Концертгебау“ во Амстердам, „Гевандхаус“ во Лајпциг, во Ориенталниот центар во Шангај и во „Гастајг“ во Минхен. Особено значаен настан за неговата кариера е победата на натпреварот „Оскар Бак“ во Холандија во 2018 година.
Роден е во Ротердам во 1991 година. Започнува да учи виолина на 8-годишна возраст, а студира на Високата школа за музика „Ханс Ајлсер“ во Берлин каде дипломира во класата на проф. Стефан Пикард во 2016 год. Се усовршува во Минхен со проф. Кристоф Попен. Дебитирал со Ротердамската филхармонија на 16 години. Денес е редовен солист на сите оркестри во Холандија, со Оркестарот на Германското радио во Сарбрукен, со Камерниот оркестар на „Концертгебау“, со Радиофилхармонискиот оркестар во Хаг и др. Свири на виолина „екс Форнбаум“ изработена од Карло Бергонци во Кремона во 1729 година.
Бен Ким е победник на 55. АРД натпревар во Минхен во категоријата пијано. Роден е во Портланд, а студирал со Леон Флајшер и Јонг Хи Мун на Конзерваториумот „Пибоди“ и на Интернационалната пијано академија во Комо, Италија предводена од Марта Аргерич и Грант Наборе. Дипломирал на Универзитетот за уметности во Берлин во класата на Клаус Хелвиг.
Настапува во концертните сали како „Карнеги Хол“, „Музикферајн“, „Гевандхаус“, „Сантори Хол“, „Кенеди Центар“, со оркестрите на Германското радио, Баварскиот радиосимфониски оркестар, со оркестрите во Лајпциг, Балтимор, Кјушу, Сеул, со оркестарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, со Симфонискиот оркестар во Дизелдорф, со оркестарот „Тонхале“ под диригентската палка на Кристоф Ешенбах, со Келнскиот камерен оркестар под водство на Кристоф Попен и со Филхармонискиот оркестар на Бусан на „Музикфест Берлин“.







