Skip to main content

Хуманитарен книжевен базар во Културниот центар „Култ“ во Охрид за помош на „Антолог“

Настанот ќе се одржи во среда, 8 јули, со почеток во 19 часот.
 |  инфодеск  | 

Здружението „Креативна верига“ и Културниот центар „Култ“ организираат хуманитарен книжевен базар за поддршка на издавачката куќа „Антолог“, која неодамна претрпе значителна загуба на дел од своите изданија поради поплавите.

Настанот ќе се одржи во среда, 8 јули, со почеток во 19 часот, во Културниот центар „Култ“ во Охрид.

Граѓаните се повикани да донираат една или повеќе книги од своите домашни библиотеки, кои потоа ќе бидат понудени на продажба по симболична цена од 200 денари. Целокупниот приход од продажбата ќе биде дониран на „Антолог“, со цел да се помогне во обновувањето на книжниот фонд и продолжување на издавачката дејност.

Организаторите информираат дека не е потребна претходна пријава, туку заинтересираните треба само да ги донесат книгите непосредно пред или за време на настанот.

Со оваа хуманитарна акција, организаторите имаат цел да ја поттикнат солидарноста меѓу љубителите на книгата и да придонесат за зачувување и развој на книжевната сцена во Македонија.