Skip to main content

Научниците открија колку денови одмор се идеални за здравјето

Научниците ги анализирале психолошките процеси поврзани со подолгото отсуство од работа, како и промените во здравствената состојба на учесниците за време на одморот и по враќањето на работа.
 |  инфодеск  | 

Должината на одморот може значително да влијае врз здравјето и психичката состојба, но позитивните ефекти не траат долго по враќањето на работа. Истражување на научници од Универзитетот Радбауд во Холандија покажало колку време му е потребно на телото и умот навистина да се опорават од секојдневниот работен стрес.

Истражувачите од Универзитетот Радбауд следеле вработени лица постари од 40 години кои, во рамките на истражувањето, одморале во просек 23 дена.

Научниците ги анализирале психолошките процеси поврзани со подолгото отсуство од работа, како и промените во здравствената состојба на учесниците за време на одморот и по враќањето на работа.

Во текот на истражувањето биле следени шест клучни показатели:

  • здравствената состојба
  • заморот
  • задоволството
  • расположението
  • напнатоста
  • нивото на енергија

Резултатите покажале дека здравствените придобивки за време на одморот брзо се зголемуваат, а значително подобрување било забележано околу ОСМИОТ ден од одморот.

По враќањето на работа, сè се враќа на старо

Сепак, позитивниот ефект од одморот не траел долго.

Истражувањето покажало дека во рок од само една недела по враќањето на работа, здравствените придобивки се вратиле на почетното ниво.

Ова укажува дека подолгиот одмор може позитивно да влијае врз здравјето, расположението и нивото на енергија, како и да помогне во намалувањето на напнатоста и заморот. Но, секојдневниот работен стрес релативно брзо може да поништи дел од овие придобивки.

Затоа, според резултатите од истражувањето, не е важно само колку денови годишен одмор имаме, туку и колку често во текот на годината успеваме целосно да се оддалечиме од работните обврски.