Интернационалната уметничка колонија „Дебрца 2023“ посветена на Ѓорѓија Целески
Во сабота, на 5 август, во селото Белчишта, општина Дебрца, во 19.30 часот, свечено ќе биде отворена 38-та Интернационална уметничка колонија „Дебрца 2023 “.
Годинава, најстарата ликовна колонија во Македонија е посветена на нејзиниот
основоположник, неодамна починатиот педагог и ликовен уметник, Ѓорѓија Целески.
Свеченоста, на која е предвидено ликовно изненадување, ќе се одржи во уметничката галерија која е отворена во 1985 година а обновена во 2005 година.
На интернационалната уметничка колонија „Дебрца“, годинава ќе творат 10 ликовни уметници и тоа : Маестро Јордан Манасиески – Охрид, Маестро Ставре Димотров Стадим – Скопје, Маестро Запро Запров – Скопје, Г-дин Војдан Запров – Скопје, Натали Николоска – Скопје, Андреј Антевски – Куманово ( најмладиот учесник на овогодинешната Колонија). Странски автори : Леетив Намдаг Жанчивин – мистер Ли ( монголскиот конзул), Петар Бељашки Бугарија, Велислава Пожгорска – Бугарија, Светлана Солодова – Русија.
Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“ што завршува на 13-ти овој месец, има најбогат фонд уметнички дела во земјава и располага со над 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија и светот што претставува, непроценливо македонско и светско културно наследство.