Италијанска вечер на „Охридско лето“ со тенорот Лечезе и пијанистот Хаса
Традиционалната Италијанска вечер на фестивалот „Охридско лето“ вечерва нуди концерт на извонредните уметници, тенорот Џани Лечезеи пијанистот Екланд Хаса кои ќе настапат под акустичните сводови на црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.
Лечезе е ученик на Вилијам Матеуци и Леоне Магиера. Џани Лечезе дебитира во операта „Палјачи“ од Р. Леонкавало во театарот во Пиза, по што настапува со истата улога во Гросето, Пескара, Витербо во рамки на театарските сезони и на фестивали. Неговата интернационална кариера го води на концерти и изведби на оперски претстави во Кина, Индонезија, В. Британија, Грција, Египет, Франција, Чешка, Полска, Јапонија, Кипар, Романија и Бугарија каде неговите изведби се проследени со позитивни одгласи од стручната критика и од публиката. Соработувал со некои од најголемите оперски ѕвезди на денешницата како: Катја Ричарели, Џанфранко Цечеле, Лео Нучи, Карло Коломбара, Пипо Баудо и Пјетро Бало. Во 2011 година е добитник на наградата „Тенор на новата генерација“ од Фондацијата на Арена ди Верона. Во 2018 година Лечезе е поставен за уметнички директор на фестивалот на отворено на сцената на Театарот „Каве ди Фантиано“ во Пулиа, Јужна Италија.
Екланд Хаса е роден во Тирана, каде што учел во уметничкото училиште „Јордан Мисја“ и Академијата за ликовни уметности. Стекнал различни специјализации во Италија и Германија, а меѓу неговите учители можеме да вклучиме имиња како што се Нихал Хакиу, Пранвера Чауши Кхорџи, Анита Тартарие и Лудвиг Хофман.
Наградуваниот уметник, соло пијанист во театарот за опера и балет во Тирана, решава да ја напушти Албанија во пострежимскиот период, преселувајќи се во Јужна Италија. Овде неговиот живот како музичар има различни, но подеднакво задоволувачки импликации: од 1995 година па наваму тој свири како солист и придружник на оперски пејачи во Театро Верди во Маргера, Театро Политеама Греко, Ла Фениче, Тито Шипа, Паисиело, Маскањи и многу други.
Од 2000 година станува уметнички директор на Accademia Lirico – Pop “Albano Carrisi”, започнувајќи ја турнејата како пијанист што го однела во САД, Канада, Москва, Узбекистан, Бугарија, Романија, Шпанија, Франција, Малта, Германија, Холандија, Белгија, Данска, Норвешка, Шведска и сè уште низ целиот свет. Во 2007 година стана почесен граѓанин на градот Нардо. Работел за дискографските куќи Albano Carrisi production и 11/8 records. Тој е музички директор на театарот Пјетро Маскањи во Нардо и учествуваше како соработник Маестро во албумот „Кариси пее Карузо“.Соработувал со Инва Мула, Монсерат Кабале, Леонардо Грамења, Ева Големи, Маријана Лека, Емануела Ди Пјетро (директор на оперскиот хор во Лече), Армалдо Клоѓери и со различни уметници од различни музички жанрови. Во 2009 година беше протагонист на документарниот филм „Le note di Ekland“ на Антонио Д’Април.