Skip to main content

Изложба „Ех, моја Македонија” во сеќавање на Драган Спасески Охридски, утревечер во Лапидариум

Во музејскиот културен центар „Лапидариум“ во Охрид, утре, на 7-ми август, со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Ех, моја Македонија”. Четворица сликари, од Охрид и од странство, ќе се претстават со 40 тина дела, а изложбата ја посветуваат во сеќавање на познатиот доктор и уметник Драган Спасески Охридски.
 |  инфодеск  | 

Изложба „Ех, моја Македонија” во сеќавање на Драган Спасески Охридски ќе биде отворена утревечер во музејскиот културен центар „Лапидариум“ .

На изложбата со свои дела ќе се претстават Мајкл Клос од Канада, Демир Демироски Македонец од Германија, Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски од Македонија.

Четворицата уметници изложбата ја организираат во сеќавање на познатиот доктор и уметник Спасески Охридски со кого ги поврзува почетокот на уметничките кариери од 1985-тата година. Тогаш сопругата на уметникот Мајкл Клос, Менка, во Домот на култура во Охрид организирала изложба за аматери сликари. На таа изложба Спасески Охридски, Демироски и Симјаноски за прв пат се претставиле пред охридската јавност со свои дела.

„ Таа е врската меѓу Драган Спасески Охридски со Менка која беше пренесена и на нејзиниот сопруг подоцна Мајкл Клос. Демир Демироски другаруваше на големо со покојниот Спасески, а Наташа Карче својата ликовна кариера ја започна во 2013 година и тоа под менторство, ако може така да се рече, на Драган Спасески Охридски. Тој ги отвори сите нејзини три изложби кои следуваа. И конечно јас и Драган Спасески навистина многу другарувавме во период од 30-тина и повеќе години.“ – вели Ѓоко Симјаноски – сликар.

На изложбата со носталгичен наслов „Ех, моја Македонија” ќе бидат изложени 40-тина дела во различна техника, масло на платно, акрил, сув пастел, како и скулптури во прекрасниот простор на Лапидариумот кој има голем потенцијал за вакви настани, вели Симјаноски.

„Лапидариумот е простор кој нуди прекрасни можности, на отворено , на неколку нивоа, на кои можат да се постават уметнички дела и ретко е користен за изложби. Оваа изложба е прилика уште еднаш да го промовираме овој прекрасен простор до Куќата на Робевци. “ – вели Симјаноски.

Охриѓани и гостите ќе можат да уживаат во изложбата пропратена со музика во изведба на виолинистот, Маестро Џевад Рамаданоски.