Извонреднен концерт на гудачкото трио „Инвентио“ во црквата „Света Софија“
Младите но исклучително талентирани уметници од италијанското трио „Инвентио“, виолинистките Јулиа Беринскаја и Валентина Данелон и виолистката Ана Серова вчеравечер беа вистинско освежување за публиката на „Охридско лето“ со нивниот концерт во црквата „Света Софија“.
Изведувајќи дела од Бах, Де Берио, Танејев и Дворжак, членовите на овој гудачки состав уште еднаш го потврдија својот веќе етаблиран виртуозитет како солисти и како камерни музичари на меѓународната музичка сцена.
„Многу сме среќни што музицираме во црквата „Света Софија“. Го познавам ова место затоа што токму овде се одржуваа натпревари по виолина. Црквата, и покрај тоа што е позната по нејзините фрески, таа поседува и неверојатна акустика. Се надевам дека и на публиката ѝ се допадна концертот. За „Охридско лето“ слушав од моите колегите од Македонија, вели виолинистката Беринскаја чиј талент и е откриен од рана возраст од страна на нејзиниот татко Сергеј Берински, еден од најзначајните руски композитори на 20-от век. Во моментов таа е доцент на музичката школа „Клаудио Абадо“ во Милано и на Мајсторската музичка школа во Милано.
Брилијантната кариера како солист, камерен музичар и педагог ја носи Јулија Беринскаја во Италија, Холандија, Швајцарија, Франција, Германија, поранешна Југославија, САД, Израел, Русија и др, каде настапува со оркестри како „Верди“ во Милано, оркестарот на Миланскиот конзерваториум, оркестарот „Амадеус“ во Москва, Филхармонијата во Свердловск, оркестарот „I Musici” во Парма и др. Како камерен музичар Беринскаја настапува на некои од најзначајните фестивали во Италија и Европа делејќи ја сцената со музичари од рангот на С. Крилов, Ј. Башмет, Д. Коен, В. Менделсон, Ф. Липс.
Виолинистката Валентина Данелон како солист настапува со „Солисти Венети“ Камерниот оркестар „Бузони“ од Трст, Симфонискиот оркестар „Наонис“ и др. Добитничка е на повеќе награди и признанија како прва награда на натпреварот за камерна музика „Роспиљиоси“, награда на натпреварот за камерна музика „Лилиан Карајан“, награда на натпреварот „Канети“ во Франција и др. Остварува настапи на фестивали во Европа, Русија, САД, Јужна Америка, Кина и Јапонија. По успешно положените аудиции соработува како оркестарски музичар со оркестарот на театарот „Ла Фениче“ во Венеција, со Националниот италијански оркестар РАИ, со „Солисти Венети“ со диригенти како Чунг, Гардинер, Темриканов, Валчуха и други.
Ана Серова, која добива посвети на дела од некои од најзначајните композитори на денешницата настапувасомногуруски, европски и оркестри во Јужна Америка, а како камерен музичар настапува со Иври Гитилс, Бруно Гиурана, Салваторе Акардо, Роко Филипини, Ремис Азоитеи и др. Снима з амузичките издавачки куќи: Дека, Наксос, Брилијант класикс, Велут Луна и Ред дрес, а снимките се одлично оценети од критиката. Таа е професор по виола и камерна музика на Итернационалната академија „Пероси“ во Бела (Италија), а одржува мајсторски курсеви низ цела Италија, Русија и ЈужнаАмерика.