Во лето не заборавајте на калиумот

Со доаѓањето на високите летни температури, стручњаците советуваат да се обрне поголемо внимание на внесот на калиум, минерал и електролит кој е неопходен за нормално функционирање на организмот. Бидејќи со потењето телото губи дел од калиумот, неговото надоместување е особено важно во текот на летото, пренесува HuffPost.
Калиумот има клучна улога во работата на мускулите, преносот на нервните импулси, одржувањето на рамнотежата на течностите, регулирањето на крвниот притисок и правилниот срцев ритам. Според Националниот институт за здравје на САД (NIH), на возрасните жени им се потребни околу 2.600 милиграми калиум дневно, а на мажите околу 3.000 милиграми.
Недостатокот на калиум најчесто се поврзува со дехидратација и може да предизвика замор, слабост во мускулите, грчеви и запек. Во потешки случаи може да доведе до нарушен срцев ритам, покачен крвен притисок, па дури и сериозни срцеви компликации, предупредуваат експертите.

Добра вест е што калиумот природно се наоѓа во многу намирници. Меѓу најбогатите извори се сувите кајсии, леќата, тиквата, печениот компир, сокот од портокал и бананите. Од производите од животинско потекло, добар извор се млекото и пилешкото месо.
Според стручњаците, повеќето луѓе можат да ги задоволат дневните потреби од калиум со разновидна и урамнотежена исхрана. По обилно потење, покрај внесот на течности и натриум, важно е да се надомести и калиумот. За таа цел се препорачуваат банани, авокадо, кокосова вода, јогурт, млеко, грав, леќа и соино млеко.
Доколку чувствувате постојан замор, слабост во мускулите, неправилна работа на срцето или силни грчеви, потребно е да се обратите кај лекар. Овие симптоми не мора секогаш да значат недостаток на калиум, па затоа е неопходна лекарска проценка и, доколку е потребно, анализа на крвта.
Експертите предупредуваат и дека суплементите со калиум не треба да се земаат на своја рака. Прекумерното количество калиум во организмот исто така може да биде опасно, па додатоците во исхраната треба да се користат исклучиво по препорака и под надзор на лекар.
Извор: HuffPost







