Skip to main content

Духот на македонската традиција

Концерт на Александар Јовевски ,,ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО” на Етно фестивалот “Охрид”

Етно фестивалот ќе се одржи на 14 јуни, на платото пред НУЦК “Григор Прличев ” со почеток од 20 часот. Влезот е бесплатен.
 |  инфодеск  | 
концерт Од колено на колено

На 14 јуни по втор пат, ќе се одржи Етно фестивалот “Охрид” со концерт на Александар Јовевски, насловен ,,ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО”.

Истоимениот албум e нов музички етно проект на Александар Јовевски на кој базата е македонскиот фолклор, традиција и идентитет, и е проект од национален интерес. На концертот ќе бидат застапени народните инструменти: кавал, тамбура, канон, како и женски вокали. Истиот ќе биде збогатен со клавијатури, перкусии и бас гитара. На концертот ќе бидат изведени обработки на стари македонски изворни песни како што се Бај Никола, Изникнало криво крувче, Сношти го видов мамо мори убавото Стојне, Ајде мала Стана болна лега.
Ќе биде изведена и авторска музика и тоа шест авторски композиции творени во духот на македонската традиција, но со нов музички израз и тоа : Tамбурски вез, Кавал гали, Игра на инструментите, Длабочина, ЈовАнина и Александров танц.

„Музиката од овој албум е уште еден нов музички проект во светски размери, со нова модерна музичка нишка, кој ќе создаде една убава енергија и повеќе слушање на македонска музика и испирација за помладите генерации се повеќе да ја негуваат, сакаат и слушаат истата.“ – велат од Здружение Арт Пријатели – Охрид.

Етно фестивалот ќе се одржи на платото пред НУЦК “Григор Прличев ” со почеток од 20 часот. Организатор на овој настан е здружението за интегриран развој “Арт Пријатели”, а истиот е поддржан од Општина Охрид.

Влезот е слободен.