Skip to main content

КУД „Отекс” – 43 години чувари на македонската традиција

Менаџерот Бојан Трајчевски вели дека тајната за долгиот опстанок е љубовта кон традицијата и посветеноста на генерациите кои биле дел од ансамблот.
 |  инфодеск  | 

Ентузијазмот, желбата и љубовта кон фолклорот се темелот врз кој повеќе од четири децении опстојува и твори Културно-уметничкото друштво „Отекс” од Охрид. Низ 43 години постоење ансамблот изгради препознатливо име, настапувајќи на бројни домашни и меѓународни сцени, а денес претставува едно од најзначајните фолклорни друштва во регионот.

Менаџерот Бојан Трајчевски вели дека тајната за долгиот опстанок е љубовта кон традицијата и посветеноста на генерациите кои биле дел од ансамблот.

„Тајната е во љубовта, посветеноста и напорната работа. Заедно со мојот татко Димче Трајчевски и сопругата Маја Митреска Трајчевска постојано работиме на зачувување на традицијата, квалитетот и угледот на ансамблот. Голема заслуга имаат и сите генерации кои биле дел од ова семејство во изминатите повеќе од четири децении. Денес многу од нивните деца продолжуваат да играат во ансамблот и токму таа поврзаност меѓу генерациите е клучот за нашиот успех.”-вели Бојан Трајчевски.

Трајчевски нагласува дека и покрај бројните современи интереси на младите, ансамблот успева да ја задржи нивната мотивација преку настапи, турнеи и квалитетна работа. Во текот на годините „Отекс” настапувал во голем број земји, а особено значајни се турнеите во Соединетите Американски Држави, како и неодамнешните успеси на меѓународни фестивали во Бугарија и Литванија.

„Фолклорниот ансамбл ‘Отекс’ зад себе има огромен број настапи, турнеи и патувања. Три пати сме гостувале во Соединетите Американски Држави, а сме настапувале и пред значајни светски и државни личности. Во поновата историја, особено во последните пет години, реализиравме многу успешни и престижни турнеи. Настапивме на Азорските Острови, а освоивме и трети награди на фестивалите ‘Витоша’ во Бугарија и ‘Цвеќиња на сонцето’ во Литванија, што за нас претставуваше големо признание за сценскиот настап, кореографијата и носиите.”– кажува Трајчевски.

Иако мисијата на друштвото останува непроменета, зачувување на македонскиот фолклор и идентитет, предизвиците се сè уште присутни. Најголем проблем, покрај финансиските средства, претставува недостатокот од сопствен простор и услови за чување на богатата колекција народни носии.

Летово членовите на „Отекс” ги очекуваат три значајни меѓународни турнеи, во Бугарија, Белгија и Полска, каде повторно ќе бидат амбасадори на македонската култура и традиција.

Сонја Рилковска,